Филипче дециден: Невакцинирани деца и по завршување на епидемијата на морбили нема да се примаат во градинка и училиште

96

Епидемијата на мали ципаници зема замав, само во последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести се третирани осум нови пациенти со симптоми на морбили. Од нив, двајца се хоспитализирани, а останатите шест се пуштени на домашно лекување. Деновиве аларматно е и на Клиниката за детски болести каде се евидентирани осум заболени вработени кои предходнодно биле вакцинирани против морбили и четири деца пациенти од кои што три се лекуваат на хематолошкиот оддел.


Морбилии е сериозно заболување кое предизвикува здравствени компликации, а се пренесува од заразено лице со директен контакт, но и преку кашлање, кивање… Токму од овие причини министерот за здравство Венко Филипче за Вечер потврди дека во градинките и училиштата во Скопје и по завршување на епидемијата со мали сипаници нема да примаат невкцинирани деца.
-Нема да се примаат деца во градинка и училиште и по завршување на епидемијата согласно постоечките закони и одлуки на Уставен суд-регира Филипче.
Ова е одговорот на министерот за здравство за сите родителите кои што сеуште ги немаат вакцинирано своите деца. Тие деновиве на социјалните мрежи водат жестоки дискусии околу тоа дали по завршување на епидемијата ќе може да се носат невакцинирани деца во градинките.
Вакцинацијата е задолжителна и според Уставот за што уставните судии се произнесоа во 2014 година кога во земјава имаше поголема епидемија на мали сипаници
-Во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот- стои во образложението на Уставниот суд.
Од почетокот на епидемијата до сега над 83 лица се заразени, а 4.200 се вакцинирани меѓу кои и медицински лица.
Доктор Катерина Ставриќ, директорка на Клиниката за детски болести деца е загрижена бидејќи од хематоокнолошкиот оддел има дечиња кои што заболеле од сипаници во тек на примање на терапија во дневната болница. Ставриќ информира дека на Клиниката за детски болести од почетокот на епидемијата се регистрирани вкупно осум случаи на вработени заболени од морбили, главно доктори и персонал кој работи во општата амбуланта. Меѓу нив, лицата кои се родени по 1982 година имаат примено две дози вакцина, но има и постар персонал кој има примено само една доза од вакцината.
Директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стефановиќ информира дека на Инфективната клиника има вкупно 20 пациенти заболени од морбили со потешка клиничка слика.
За лекарите актуелната ситуацијата будно се следи и се држи под контрола, затоа предупредуваат дека се работи за тешка и непредвидлива болест поради што апелираат на вакцинација на населението и здравствените власти. Сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален стаус, да го направат тоа во најбрз рок.
Во меѓувреме Агенцијата за лекови -МАЛМЕД побара да се уништат на Дрисла 635 паковки на вакцини кои што имаат залепено погрешна декларација.

Три пункта во Скопје за викендов ќе работат 24 часа за преглед на деца со симптоми на морбили

Поради зголемениот број пациенти заболени од морбили, во три пункта во поликлиниките „Јане Сандански”, „Бит- пазар” и „Ѓорче Петров” има дежурни лекари секој работен ден од 19:30 часот до 7:30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа.
-На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови. Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар- информираат од Министерството за здравство.

(В.Ма.)