Како што вели физиотерапевтот Илија Жежов за весникот ВЕЧЕР, по прележаната инфекција од ковид-19, физикалната терапија е од посебно значење за пациентите. Таа вклучува вежби за респираторниот и мускулниот систем, медицинските масажи исто така се од значителна потреба за телото. Со помош на масажата и вежбите се овозможува одлично раздвижување на целото тело, добра и одлична циркулација, зацврстување на атрофираните мускули предизвикани од коронавирусот, како и враќање на силата и стабилноста на пациентите.
Од почетокот на пандемијата со ковид-19, во Македонија над 172 илјади граѓани кои се заразија со овој опасен вирус се справија со него и оздравеа. За среќа поголемиот дел од нив поминаа полесно, без посериозни последици по здравјето. Но кај дел од нив коронавирусот предизвика таканаречен постковид синдром, поради што имаат потреба да продолжат да се лекуваат. Најчеста постковид состојба, како што велат, е малаксаност, млитавост на мускулите и губењето на енергијата. За ваквите состојби препорачливо е да се прават физикални терапии, одредени вежби и масажи.
Пандемијата генерално ја промени потребата за работна сила во светски рамки, па и кај нас. Последните анализи на врвни стручњаци велат дека се зголемува потребата за професиите кои се поврзани со лекувањето и рехабилитацијата на лицата кои се заразиле со коронавирусот. Потребата за физиотерапевти и специјалисти за масажа се зголеми за 30,8%, за медицински техничари за 21,2%, за психијатри и психолози за 15%, а не помалку барани се и фармацевтите, брзи болничари, готвачи, негуватели и медицински сестри.
По тој повод разговаравме со Илија Жежов, млад човек, но голем професионалец и искусен физиотерапевт вработен во Гостивар, кој ни посочи дека изминативе месеци граѓаните многу често се јавуваат кај него и бараат помош за нивните проблеми, настанати како последица на опасниот вирус. За него обврската како физиотерапевт е многу одговорна работа и бара многу голема посветеност и ангажираност во пристапот на лекувањето и пружањето на медицинска помош кон пациентите. Како што вели, пациентот секогаш му е во прв план, програмите за работа, распоредот и термините околу обавувањето на нивните терапии.
Како искусен физиотерапевт со какви проблеми се среќавате изминативе година и половина од кога почна пандемијата со ковид-19. На што сè најчесто се жалат прележаните лица од вирусот, какви тегоби имаат?
-Честите терапевтски здравствени медицински услуги вклучуваат голем спектар на процедури во лекувањето со дегенеративните заболувања како што се дископатија, дискус хернија, спондилоза, сколиоза и други физикални процедури за лекување кај луѓето, но како работа што би ја издвоил последниот период е зачестената работа со рехабилитација на мозочни удари и рехабилитација после прележана инфекција од ковид-19.
Има ли решение за нивниот проблем, помагаат ли во вакви случаи физикалните терапии?
-По прележаната инфекција од ковид-19, физикалната терапија е од посебно значење за пациентите. Таа вклучува вежби за респираторниот и мускулниот систем, медицинските масажи исто така се од значителна потреба за телото. Со помош на масажата и вежбите се овозможува одлично раздвижување на целото тело, добра и одлична циркулација, зацврстување на атрофираните мускули предизвикани од коронавирусот, како и враќање на силата и стабилноста на пациентите.
Колку терапии се потребни за да може да се надминат овие состојби, можеби потребно е подолго време, за да ги снема последиците од коронавирусот?
-Примената на физиотерапијата е индивидуална во зависност од болеста. Најчесто потребна терапија е од 10 до 14 дена за да може физиотерапевтот комплетно да ја врати и нормализира состојбата на пациентот со помош на масажата и препорачаните вежби.
На која возраст се овие лица што бараат помош од вас, дали се од постарата генерација или нема ограничување, бараат ли помош и млади лица?
-Возраста на пациентите е различна, сè зависи од клиничката слика и какви последици оставила болеста. Физиотерапевтот при самиот преглед прави заклучна констатација за план и програма што се ќе биде имплементирано и ординирано за работа со пациентот.
Од вашето искуство, дали сте забележале дека ковид-19 повеќе им направи проблем на жените или на мажите?
-Податокот вклучува клучен фактор дека на последиците од ковид-19 се жалат и мажи и жени.
Во услови кога вирусот постојано напаѓа, како физиотерапевт што ќе им препорачате на граѓаните, како полесно да се справат со здравствените проблеми. Можеби препорачувате покрај физичката активност и дополнително посебна исхрана и витаминска терапија?
-Како препорака од медицински аспект на граѓаните ќе им препорачам да се вакцинираат, само така оваа пандемија ќе ја надминеме и ќе го вратиме животот полека во нормала. Што се однесува до витамините и минералите да ги внесуваат по природен пат и да ја зголемат физичката активност со пешачење или да се консултираат со физиотерапевт какви се вежби одговараат за нивната возраст што стручно би им ги препорачале.
(В.Ма.)