Интернет измамите се феномен со кој се соочуваат граѓаните во Македонија, но и во целата Европска Унија. Затоа, граѓаните треба да бидат многу внимателни, да проверуваат по неколку пати на е-платформите дали е вистински производот што се продава и да се консултираат со луѓе на кои им веруваат, како лекари или фармацевти, за да бидат сигурни дека тоа што го купуваат е сигурно за употреба. – Земјите немаат регулаторна контрола врз независните платформи како Фејсбук, Инстаграм и Тик-Ток каде што се нудат производи на граѓаните. Многу е важно граѓаните веднаш да пријават ако забележат интернет измама за институциите брзо да интервенираат. Мора да се најдат хибридни или „странични“ начини за справување со вака појава, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски

Интернет измамите се феномен со кој се соочуваат граѓаните во Македонија, но и во целата Европската Унија. Затоа, граѓаните треба да бидат многу внимателни, да проверуваат по неколку пати на е-платформите дали е вистински производот што се продава и да се консултираат со луѓе на кои им веруваат, како лекари или фармацевти, за да бидат сигурни дека тоа што го купуваат е сигурно за употреба. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски Регионалната годишна конференција за е-трговија која се одржа во Скопје.

– Земјите немаат регулаторна контрола врз независните платформи како Фејсбук, Инстаграм и Тик-Ток каде што се нудат производи на граѓаните. Многу е важно граѓаните веднаш да пријават ако забележат интернет измама за институциите брзо да интервенираат. Мора да се најдат хибридни или „странични“ начини за справување со вака појава – рече Андоновски.

Министерот посочи дека постои и нов феномен на Инстаграм со формирање лажни профили на јавни личности како инфлуенсери, доктори, чиј идентитет е украден или злоупотребен. Андоновски повика ваквите случаи да се пријават за побрзо реагирање на државните институции и лажно креираните профили да се симнат од платформите многу брзо.

– Многу повеќе треба да работиме на градење вештина за препознавање и во таа насока е и центарот за побезбеден интернет на кој работиме и кој ќе биде ресурс за граѓаните, особено за помладите, да можат да препознаваат ваков тип измами на интернет – истакна Андоновски.

Министерот Андоновски појасни дека во претстојниот период, особено внимание ќе се посвети на создавање на поволна деловна клима која ќе го поттикне претприемништвото во дигиталната сфера.

– Планираме да ја зајакнеме дигиталната инфраструктура, да инвестираме во дигитални вештини на населението и да создадеме поволна регулаторна рамка која ќе го поттикне развојот на секторот. Нашата намера е и да работиме на олеснување на прекуграничната трговија, унапредување на системите за плаќање и модернизација на логистичката инфраструктура. Преку адресирање на овие клучни предизвици, можеме да создадеме поинтегриран и поефикасен регионален пазар – посочи Андоновски.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков нагласи дека потенцијалот за раст на е-трговијата во регионот е огромен, но недоволно искористен.

– Во изминатиот период се забележува значително раздвижување на полето на е-трговијата – потенцијалот на регионот почна да го привлекува вниманието и на интернационални компании – од влезот на глобални играчи, до регионални компании кои се шират на повеќе пазари. Регионот има голем потенцијал за раст на е-трговијата но, тој потенцијал е сè уште „заплеткан”, поради што агендата оваа година е конципирана така што детално ги разгледува аспектите и степенот на „отплеткување“ на можностите за е-трговија – рече Ангеловска Станков.

Србија е најголем пазар и е посочена како најнапредна во е-трговијата во регионот каде 65% од интернет корисниците купуваат онлајн, додека во Македонија тоа го прават 54%. Албанија и Црна Гора иако имаат голем напредок од 2017 година наваму, сепак се на последните места во Европа во онлајн купувањето.

– Регионот има најниско ниво на иматели на платежни картички и нивно користење, следствено плаќањата во готово се доминантен платежен метод додека во развиените земји дигиталните плаќања се норма. Од друга страна, доставата е главен предизвик за е-трговците, заедно со сивата економија, плаќањата и наоѓањето и задржувањето на стручен кадар. Затоа, регионот има уште многу работа за да се доближи до поразвиените земји – нагласи Ангеловска Станков.

Македонецот е често на интернет, но претежно купува во кеш

Што се однесува до македонскиот онлајн купувач, тој не се разликува многу од балканскиот, главно е прилично добро поврзан на интернет.

Глобалната комуникациска мрежа македонскиот онлајн купувач најмногу ја користи за зборување и учество на социјални мрежи, со дигиталните вештини не е многу подготвен, освен со комуникациски, не користи многу платежни картички и преферира кеш плаќања, а онлајн купува најмногу облека до 50 евра еднаш до два пати во три месеци и најмногу од домашни е-трговци.

(С.Бл.)