Колку ли чуда таа вечер мораа да се поклопат за во тоа ниедно време во тој туѓ крај на светот на туѓа фреквенција да се појави некој наш човек, некој Југословен што работи ноќна смена на радио станицата, колку чуда мораа да се поклопат да ја пушти токму таа песна, баш за нас, баш во тоа време?
Сараевскиот писател Адис Ахметхоџиќ на својот Фејсбук профил ја сподели животната приказна на неговиот добар другар Кемо, кој поради чудната – или чудесна – игра на судбината, многумина расплака, а никого не остави рамнодушен.
А се поради една песна. Ова е статусот на Ахметхоџиќ.
-Кога на случајно одбрана радио станица, во три часот ноќе, во една германска провинција, се слушна песната на Вида Павловиќ, мојот другар Кемо го паркираше голфот покрај патот и почна да плаче ко штотуку родено дете. Кога би прашале кој било “швабо” да ви го објасни овој феномен, тој би ве гледал со чудење и поради чиста пристојност би го премолчел она што во себеси го мисли: да ти’бам будалата; а ако прашате кој било наш човек за истото, ќе видите како усните ќе му се стегнат и очите ќе му се навлажнат. Тие работи на нашите луѓе им се јасни на прв поглед.
Покрај патот во една германска провинција паркиран е голф со грбот на Босна закачен на ретровизорот, во автомобилот погласно е пуштена Вида Павловиќ и двајца луѓе немо седат, гледаат во празната темница на непознатата ноќ, и плачат. Колку ли чуда таа вечер мораа да се поклопат за во тоа ниедно време во тој туѓ крај на светот на туѓа фреквенција да се појави некој наш човек, некој Југословен што работи ноќна смена на радио станицата, колку чуда мораа да се поклопат да ја пушти токму таа песна, баш за нас, баш во тоа време? …
Кемо е сирак. Растеше и порасна во домот за незгрижени деца во Пофалиќи и таму како најмлад и најслабичок редовно ги минуваше уиграните тортури од страна на постарите деца, кога го најде една жена на возраст од педесетина години, госпоѓа Хајра од улицата Руѓер Бошковиќ (чистачка во истиот тој дом). Хајра имаше меко срце и празна куќа, па ги фати оние малку врски што ги стекнала во домот и успеа да го извлече Кемо од тортурата и да го одведе во својот дом. …
Хајра на плеќите имаше живот каков што често се среќаваше во нашите краишта. Омажена како девојче во туѓинска куќа во едно босанско село, без никој да ја праша што мисли таа за тоа, омажена на одвај 16 години за човек кој има два пати по толку години и во тие години нема воопшто машка внимателност, издржала некои три години. Од таа куќа една ноќ побегнала боса до железничката станица и тамо го премолила кондуктерот да ја пушти џабе да се вози до Сараево. Во Сараево Хајра имаше тетка и таму пронашла спас. Малку подоцна на улиците од својот нов град ја запозна и својата љубов, благиот и умерен електричар Едхем. Едхем беше постар од неа седум години, но неговото момчешко лице некогаш во пубертетот заборавило да ги пресметува годините па изгледаше како да е барем пет години помлад од неа.
Со Едхем поживеала десетина години, во мирна куќа, со внимание и почитување, но секогаш со потајна болка и тишина. Хајра и Етхем за десет години не успеале да добијат дете, а некаде на почетокот од единаесеттата година од бракот, на Едхем во клиничката болница му поставија дијагноза дека ќе поживее одвај еден месец. Некаде во тоа време, околу осумдесет и четвртата, на транзисторот што го имаа во дневната соба почнаа да ја пуштаат новата песна на Вида Павловиќ “Остала је песма моја”. Ретко што можело да го смири Етхем и да го натера да се замисли и да се занесе со насмевка како таа песна. Хајра не знаела зошто ниту пак прашувала. Тие ретки моменти кога Етхем не страда во агонијата на болките за неа биле благослов, па во дневната соба, во ноќите кога Етхем спиел, вежбала и учела да ја пее песната на Вида.
Цели три месеци додека Етхем боледувал, Хајра ја вежбала и вежбала и секогаш самата пред себеси си звучела како навреда за секој кој некогаш ја запеал таа песна, но сепак една вечер кога Етхем страдал повеќе од обично, застанала пред него кршејќи ги прстите, со сведнат поглед и загрижена, длабоко зела воздух како да се подготвува да скокне од карпа, и запеала: “Остала је песма моја, да се памти једна жена, да се пева песна њена”.
Таа вечер душата на Етхем појде во подобар свет, а душата на Хајра остана без него да страда на овој свет. Во својот мал свет се затворила во тишина и молитва, вечно тажна и потиштена оти на Етхем не му роди деца, вечно сама и во страв од оние кои и ја одзеле таа можност кога била девојче. Поминаа уште многу години, многу вода протече низ Миљацка и многу деца протрчаа низ Хумска во основното училиште, па така и по некој “домец” од домот за незгрижени дева и деликвенти. Меѓу нив и Кемо, меѓу нив и јас со моите ситни рамена и планината од ранец на грбот.
Хајра го посвои Кемо кога имаше десет години. Директорите на Домот ја знаеја приказната за нејзиниот живот, па заклучија дека би било во ред да и ја направат таа една единствена услуга. Кемо вели дека Хајра првите години главно молчела. Му носела да јаде по сто пати на ден, секогаш празната чинија ја менувала со полна и секогаш готвела нешто ново и необично. Понекогаш ќе кажела нешто но никогаш многу, се додека една вечер наставничката не ја викна на родителски состанок во училиштето и и раскажа дека Кемо на часот по босански јазик на писмена вежба на тема “моите херои” пишувал за неа.
Таа вечер Хајра седеше дома и тивко плачеше додека Кемо спиеше. Утрото, кога момчето стана од својата соба и се подготвуваше за на училиште, ја затекна Хајра како во кујната подготвува појадок и си ја пее: “Остала је песма моја”. Кемо седна покрај масата, Хајра му принесе да јаде, а тој и рече “фала ти, мамо”.
Хајра умре пред неколку години и не стаса да види како нејзиниот Кемо дипломираше на сараевскиот универзитет. По еден од последните испити се врати дома, носејќи го индексот полн со крупни оценки да и покаже, и го најде нејзиното безживотно тело во истата онаа кујна во која ја пееше истата онаа песна секогаш кога готвеше.
Набгру по нејзината смрт и по факултетската диплома, Кемо онаков каков што беше затворен, се закачи на интернет и аплицираше на секој оглас на кој можеше, под услов работата да е надвор од Босна. Сакаше што поскоро да си замине од Сараево и ништо од него да не понесе со себе.
Така и бидна, најде работа во едно провинциско градче познато по зеленилото и преубавите полиња, понекогаш ми се јавуваше да праша како ми е ваму долу и зошто не дојдам кај него, а јас се жалев дека на германски не би знаел ни леб и вода да си побарам. Но му ветив дека ќе дојдам да го видам, па кога ја најдов првата работа и собрав нешто пари, му се јавив на Кемо и му дојдов на гости на неколку дена.
Мојата последна вечер во Германија се возевме со неговиот нов голф под големата месечина, толку силна што улиците беа јасни како да е сред бел ден. Се возевме, талкавме, си раскажувавме за детството и се смеевме, се додека Кемо, вртејќи го копчето по радиото не наиде на Вида Павловиќ.
И седевме така во колата, седевме и се сеќававме на мама Хајра и нејзиниот благ поглед, се сеќававме на нејзината животна приказна и додека траеше песната ни еден единствен збор не рековме. Песната заврши, Кемо ги избриша солзите и продолжи да вози, а јас посакав до крајот на животот да молчам. …
Еве, вечерва седам во Сараево, ги вртам каналите од бескорисната кабелска за која немам поим зошто ја плаќам, и на еден од неважните канали во едно неважно време од 22:19 часот госпоѓа Вида ја пее “Остала је песма моја”.
Википедија вели дека Вида Павловиќ се омажила како девојче од едвај 15 години и бргу побегнала од таа куќа и заминала за Белград. Тами ја пронашла својата љубов со еден прекрасен музичар и со него го поминала животот, но судбината сакала никогаш да немаат деца. Многу теории на веројатност и статистики сум учел на факултет, сум читал многу литература у сум слушал стручни професори, но приказната за Хајра и Вида е единствениот несоборлив доказ дека ништо во овој живот не е случајно.