Со фолклорно дефиле по Широк сокак и со орото „Комитско“ на Хераклеја Линкестис, вечер во Битола почнува 51. издание на републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.

Првата фестивалска вечер ќе биде отворена со настап на КУД „Илинден“- Битола, ансамбл „Танец“-Скопје и ансамблот на народни песни и игри „Ладо“ од Загреб, а во петте фестивалски вечери со избрани содржини ќе се претстават уметнички друштва и фолклрони групи од Америка, Русија, Хрватска, Албанија, Србија, Грција и Северна Македонија.

„Илинденски денови“ е повеќе од фестивал, тој е една крстосница во која младоста се огледува на мудроста, во која светот се прелева низ игра и песна и сите сме различни, а исти бидејќи се радуваме и го славиме животот со музика. А, за музиката велат дека е универзален јазик на човештвото и затоа на нашиот фестивал ќе зборуваме на еден јазик, пеејќи и танцувајќи. За жал, пандемијата силно ги погоди фолклорните
ансамбли низ целиот свет, но како феникс Фестивалот во Битола повторно се издигнува и оваа година широко ги отвора вратите за гостите од државата и странство, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура, домаќин и организатор на фестивалот.