Со меѓународна изложба на аналогна фотографија вечерва (28 јуни) во 20 часот  во Мултимедијалниот центар Мала станица, стартува трето издание на фестивалот „Зрно“. Во моментов, во Темишвар, Романија, е поставена изложбата на дела настанати на минатогодишните работилници за благородни фотографски процеси, кои се одржаа во село Цапари, во прекрасниот простор на семејството Филевски. Инаку, делата, кои ќе бидат претставени вечерва се испратени на отворен повик и избрани од деветчлено меѓународно жири, а претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија. Ќе бидат претставени над дваесет автори, од цел свет.

На 10 jули, во галеријата на ФЛУ, Сули-ан, во 20 часот, ќе се отворат две авторски изложби, и тоа „Форма“ на Наталија Копкина, Хелсинки, и избор на дела на Бабакк Хаџи, Техеран. Двајцата современи, алтернативни автори. На 12 jули, пак, во Монтажната галерија, во Паркот на франкофонијата, во 20 часот, ќе се отвори авторската изложба „Еден“ на Тијана Борбељ, Нови Сад.

“Носечката активност на „Зрно“ и она што го прави единствен фестивал во светот- работилниците за алтернативни, благородни фотографски процеси, годинава ќе се одржуваат во село Смилево, односно во смилевскиот манастир. Гости ментори ќе бидат едни од најголемите експерти во глобални рамки за соодветните постапки кои ќе ги споделуваат со учесници од цела Европа. Ретка можност за вистинските вљубеници во автентичната фотографска уметност да научат нешто од авторитети со светско реноме. Веројатно, досега во Македонија (а и пошироко), не се случило да бидат во исто време и место такви имиња“, велат организаторите.

Миша Кескеновиќ, Сежана, Словенија, врвен авторитет за многу благородни фотографски постапки, годинава ќе биде ментор на работилница за нова цијанотипија, со негови хемиски рецептури.

Михаел Лаубш, Виена, Австрија, ќе ја води работилницата за течна фотографска емулзија, на различни материјали (дрво, камен, платно…) и Ивана Томановиќ, Белград, Србија. Традиционално задолжена за класичната црно-бела лабораторија

Стиг Марлон Вестон од Осло, Норвешка, ќе ја води работилницата за еко-лумент принтови, а работилницата „Мокар колодоум – темната уметност“, ќе ја води Предраг Узелац, Нови Сад, Србија. Дамиан Диаконеску, Темишвар, Романија, без сомнеж најмагичниот и најдобриот непознат автор во Европа, ќе води работилници за гумотипија и Ван Дајк фотографија, додека Емилија Сандиќ и Стефан Стефановски, студенти по фотографија на академијата во Нови Сад и дел од тимот на „Зрно“, ќе ја водат работилницата за креативни игри во класичната темна комора.

Во Смилево ќе се одржат и две изложби – на Миша Кескеновиќ и на фотоклубот Ирис од Темишвар. По завршувањето на работилниците за благородни фотографски процеси во Смилево, ќе биде поставена изложба на избрани дела настанати на работилниците.