Луксузната јахта на украински олигарх Виктор Медведчук, поранешен украински пратеник чија партија, како и другите опозициски сили, властите во Киев ги укинаа, и од западните медиуми прозиван како наводен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, била пребарувана пред десет дена во Трогир, објави во средата хрватски Јутарни лист.
Како што потврдил за весникот Динко Мешин, судија и портпарол на сплитскиот Жупаниски суд, налогот за претресот на 92-метарската јахта „Royal Romance“ која е вкотвена во Трогир го издал споменатиот суд и тоа на барање на американското Министерство за правосудство.
Поради тајноста на постапката од судот не сакале да изнесуваат повеќе поединости, освен дека на налогот покрај името на украинскиот олигарх е и името на неговата сопруга Оксана Марченко. САД против нив водат постапка поради наводно кршење на американските сојузни закони, а обвинети се и за наводно перење пари. Според сознанието на весникот, при претресот на јахтата во Тригир учествувал и цел тим на американското Федерално биро за истраги (ФБИ).
Што било очекувано и што било најдено при претресот е тајна, но се претпоставува дека се трагало по можна инкриминирачка документација или поголема сума пари сокриена на јахтата. Се претпоставува, исто така, дека всушност цел на претресот бил евентуална документација и кореспонденција меѓу Медвечук и Путин, со други украински олигарси и нивни контакти.
Во секој случај, доаѓањето на агентите на FBI сигурно било со цел јасно да се насочат хрватските детективи што треба да бараат, будејќи лично, поради законските ограничувања, не можеле да бидат носители на претресот.
Увид во документацијата која стасала во Хрватска преку меѓународна правна помош и во сплитскиот Жупаниски суд ја барале и адвокатот од Ријека, Зоран Вукиќ, кој ги застапува интересите на Медведчук, но бидејќи станувало збор за доверливи документи бил одбиен.
Очигледно е дека случајот има исклучително значење, бидејќи поради овој претрес во Трогор допатувал повеќечлена екипа на американското FBI во која наводно имала десетина агенти, пишува уште весникот.