Уште еден еврејски кварт ќе се гради во Западен Брег

74

Новиот израелски министер за одбрана, Нафтали Бенет одобри изградба на нов кварт за еврејските доселеници во поделениот град Хеброн во Западен Брег.

Најавата за нова еврејска населба беше поздравена од израелските десничари, но наиде на осуда кај левичарите и пратениците Арапи.

Лидерот на сојузот на партии на израелските Арапи, Ајман Одех истакна дека тоа е „опасен чекор кон зајакнување на режимот на окупација на милионите Палестинци со што продолжува војната против мирот по опасната визија на десницата”.

Главниот палестински преговарач Саеб Ерекат за новата населба ги обвини САД, кои неодамна соопштија дека еврејските населби не се „спротивни на меѓународното право”.

Израел во окупираниот Западен Брег населува Евреи од кога ја освои територијата во војната во 1967 година. Колонизацијата е интензивирана последните години. Па така повеќе од 600.000 Израелци живеат во еврејските населби во Западен Брег и Источен Ерусалим.