Атлетичарката од Јужна Африка, Кастер Семенија, во својата прва трка по пауза од осум месеци успеа да го собори националниот рекорд на 300 метри, а со тоа и порача на Меѓународната атлетска федерација дека „сè уште ќе ѝ го гледаат лицето“.
- Јас сум тука и ќе останам овде. Вие сè уште ќе го гледате моето лице. Тоа е сè што можам да кажам засега, изјави Семенија по натпреварот на Јужноафриканскиот универзитет.
Олимписките игри во Токио се приближуваат, остануваат уште само пет месеци, а настапот на Семенија е ставен под знак прашалник. На неа моментно ѝ е забрането да се натпреварува во нејзината омилена дисциплина, како и во која било дисциплина од 400 метри до една милја, освен ако не ги почитува правилата на ИААФ кога е во прашање намалувањето на природното ниво на тестостерон.
Семенија, која наполни 29 години минатиот месец, двапати се пожали на правилата. Таа ја загуби својата прва жалба пред Судот за спортска арбитража, по што поднесе жалба до Врховниот суд во Швајцарија.
Јужноафриканката постојано одбива да ги почитува прописите за тестостерон, а нејзината одлука за отворање на Олимписката година со трка на 300 метри може да биде значајна.