Училиштата во Крива Паланка и Ранковце добија 24 компјутери

75

Донација од 24 десктоп-комјутери од општествено одговорна компанија добија образовните институции од Крива Паланка и Ранковце.

Благодарение на паланчанецот, Борче Стојчевски, долгогодишен работник во банкарскиот сектор, донацијата се реализираше во неговиот роден град, во училиштето каде што го завршил основното образование ООУ „Свети Јоаким Крчовски“, Крива Паланка, а донација од 12 компјутери е доставена и во општина Ранковце.

Обезбедените вкупно 24 десктоп компјутери со нови софтвери се наменети за користење во воспитно-образовни институции од Ранковце и Крива Паланка.
-Донирани се 12 компјутери, во координација и соработка со директорот Дане Петровски, каде што беше и искажана потреба за надополнување на техничката опрема, особено за подрачните основни училишта, а донирав и во општина Ранковце, каде што донацијата ја прими градоначалникот Борче Спасовски – рече Стојчевски, потенцирајќи дека младите се иднината на општеството и за нив секогаш треба да се бориме и да вложиме уште повеќе.

– Секоја донација и поддршка насочена кон младите е добредојдена. ООУ „Св. Јоаким Крчвоски“ има современи услови за работа во кои постојано вложуваме, како во инфраструктура, така и во надгледни средства и опрема, така што, сите наши училишта располагаат со добра и современа техничка опрема, стабилна интернет конекција, смарт-табли во сите училници во централните згради, како и компјутери и потребни технички додатоци во подрачните школи кои редовно ги набавуваме со заштедените средства од блок-дотациите од МОН во буџетот на училиштето. Донираните компјутери во најголем дел ќе ја надополнат техниката во подрачните училишта и во дел од кабинетите – изјави директорот на ООУ „Јоаким Крчовски“, Крива Паланка, Дане Петровски.

Општина Ранковце како локална самоуправа ја прими донацијата од ист број, 12 десктоп комјутери, коишто, според градоначалникот Борче Тодоровски, ќе бидат исто така доделени и распределини за потребите на институциите од образовна дејност, ОУ „Х. Т. Карпош“ и останати.

Стојчевски најави дека во претстојниот период ќе се донира и во останати институции во Крива Паланка.