Во рамки на повеќегодишната соработка со месната управа на градот Крижевци од Република Хрватска, општина Кочани и годинава обезбеди бесплатно зимување на Пониква за најдобрите ученици од крижевските основни училишта. На Пониква престојуваат осум ученици од ОУ „Људевит Модриц“, заедно со дел од нивните наставници.
– На Осогово е одлично, овде сме една недела, имаме вистинско зимско време, заврна и снег, па децата задоволно си играат, се санкаат и се дружат со другите зимувалци овде. Сите не пречекаа убаво и со радост, а секогаш кога имаме дополнителни барања ни ги овозможуваат. Дома ќе се вратиме со прекрасни спомени за престојот во Македонија и за Пониква, каде што дојдовме за првпат, истакна наставничката по телесно воспистување и здравствена култура, Маријана Фржовиќ.
Со престојот на Пониква учениците реализираа возвратна посета откако минатото лето градската управа на Крижевци обезбеди бесплатно летување на островот Паг на хрватското приморје за најдобрите ученици од Кочани.