Полигонот почна да се гради во дворот на средното училиште каде електромонтери и електротехничари ќе можат да вежбаат со цел побрзо да најдат работа во ЕВН или во некоја друга енергетска компанија и оти ќе бидат платени од првиот ден
Учениците од средното училиште “Михајло Пупин” во иднина ќе имаат можност теоретскиот дел што ќе го научат да го применат во практика. За таа цел, вчера во дворот на ова училиште почна да се гради полигон за тренинг на електромонтери и електротехничари кои ќе можат побрзо да најдат работа во ЕВН или во некоја друга енергетска компанија и оти ќе бидат платени од првиот ден.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми и се заблагодари на компанијата ЕВН која го помага овој проект со цел да се продуцира кадар кој ќе ги задоволи потребите на пазарот на трудот.
– ЕВН е наш долгогодишен партнер во процесот на образованието, посебно концептот на дуално образование, кој почна со имплементација токму со оваа компанија. Во средното стручно образование сме во процес на модернизација на наставните планови и програми, имајќи ги предвид барањата на бизнис заедницата – рече Адеми.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека полигонот ќе помогне во покревање на квалитетот на практичната настава.
– Со изградба на полигонот ќе се овозможи делот од практичната настава што досега се изведуваше во компаниите, да се изведува и на полигонот во кругот на училиштето, на начин што ќе симулира работа во реални услови, нагласи Шилегов.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер, рече дека учениците учат нешто што можат да го користат понатаму во животот и тоа го прави ова средно училиште поинакво од другите.
– Нашиот систем има три чекори. Прво тие треба да ја научат теоријата и теоријата за безбедноста при работа. Вториот чекор е кога треба практично да ги учат овие работи и токму затоа го конструираме овој терен, каде ќе можат да ги испробаат реално работите кои теоретски ги научиле. Последното ниво е излегувањето на терен, на вистинската работа, со нашите монтери кои не се само монтери туку добија и соодветно знаење да бидат и ментори на овие деца. Со полигонот се отвора можност овие деца да останат во државата и да најдат работа што ќе ги одржи тука – рече Петер кој сподели искуство од Австрија каде веќе се обучени 10.000 ученици на овој начин.
Директорот на „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев изрази надеж дека ќе бидат добар пример и во останатите училишта во Скопје и во државата и оти ќе се отворат уште вакви паралелки каде ќе можат учениците да ја пронајдат својата иднина.
(С.Бл.)