Германската компанија за напредни батериски системи БМЗ ќе влезе на македонскиот пазар. Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските стопански комори, во мај годинава најави дека компанија за напредни батериски системи ќе биде следната германска инвестиција во државава. Таа најави дека инвестицијата ќе стартува како браунфилд, на постоен објект, по што ќе инвестира во нов капацитет.
– Тоа е компанија што произведува батерии за мопеди, тротинети и за други помали производи од индустријата. Бидејќи им се брза и сакаат што поскоро да започнат со производство, инвестицијата ќе биде браунфилд, што значи дека ќе преземат некоја постојна фирма што има готов објект, а потоа ќе одат на гринфилд инвестирање – најави Ванделт.
За таа цел, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, денеска, во Франкфурт, ќе го потпишат договорот за инвестицијата и ќе учествуваат на тркалезна маса со германски стопанственици, пред кои ќе го претстават инвестицискиот потенцијал на нашата земја.
Според истражувањето за деловната клима на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија (АХК) и на Македонско-германското стопанско здружение, објавено во јуни годинава, 80 проценти од постојните германски инвеститори повторно би инвестирале во државава.
Во анкетата, спроведена во февруари и во март годинава со учество на 45 од вкупно 150 членки на Здружението, 80 проценти од анкетираните навеле дека сакаат да ја прошират инвестицијата, како и да го зголемат бројот на работни места во државава.
Германија е првиот од петте трговски партнери на Северна Македонија според вкупниот обем на надворешно-трговска размена. Размената лани достигна 4,8 милијарди евра.