Утре нов протест пред бараките на Град Скопје

154

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов сè уште не го потпишал и предал писмениот одговор на барањето што скопските пожарникари му го предадоа на 27 овој месец и кое е архивирано.

Поради тоа, како што најави Дејан Исаевски, член на Иницијативниот одбор, претставник од третата чета на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје утре повторно ќе одат пред бараките на Град Скопје и мирно ќе протестираат.

-Токму заради тоа одлучивме денеска во 9 часот повторно да дојдеме на протест пред бараките. Притоа, нагласувам дека ќе присуствуваат само скопските пожарникари. Ќе бидеме сите во униформи со сите обележја-информираше Исаевски.

На средбата со пожарникарите, минатиот вторник, Шилегов ги информираше дека не е во состојба законски да го реши проблемот околу пресметката на нивните плати, односно исплатата на додатокот за опасност при работа, но им вети и дека за тоа ќе им даде и писмен одговор.

-Овој проблем е стар повеќе од 15 години и е мапиран и лоциран, а направена е работна група и се вршат измени во Законот за пожарникарство, кои треба да стапат на сила во јуни 2021 година, каде што дел од барањата што ги имаат пожарникарите ќе добијат законски основ – изјави Шилегов на прес-конференцијата по средбата во вторникот, додавајќи дека во меѓувреме секој од пожарникарите, по своите поединечни тужби ги добива надоместоците, односно Градот им ја врши исплатата.

Тој им понуди помош и медијација за да се забрза тој процес, или да има законски основ да се исплаќаат, за пожарникарите да не бидат оштетени додека стапи на сила Законот.

(А.П.)