Утре доаѓа најлошото: Будимпешта се подготвува за катастрофа/ВИДЕО

94
EPA-EFE/Tibor Illyes

Главниот град на Унгарија се подготвува за огромен воден бран кој во сабота треба да го достигне својот врв во Будимпешта, а се очекува нивото на водата на Дунав да достигне 8,5 метри.

„Поради обилните дождови и поплавите, ситуацијата е критична во цела Централна Европа“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната платформа Х.

Втората по големина европска река, Дунав, веќе се излеа од коритото во Будимпешта и стигна до зградата на унгарскиот парламент, јавуваат локалните медиуми. Снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат надојдена вода околу зградата.

И покрај сериозноста на ситуацијата, Орбан смета дека имаат доволно ресурси за да се борат со поплавите.

Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачони најави дека градот ќе употреби милион вреќи со песок за да се одбрани од поплави, кои, според него, може да бидат една од најлошите во последната деценија. 10.000 работници и 15.000 волонтери се ангажирани за подготовка и одбрана од поплавите во главниот град, јавува Радио Слободна Европа.

Патот покрај Дунав е веќе поплавен, а во близина на метро станицата се креваат редови вреќи со песок.

„Овој период е најтешкиот дел… ќе трае околу една недела или осум дена од денеска“, рече тој, додавајќи дека врвот на бранот поплави на јужната граница се очекува да помине надвор од унгарската територија следниот четврток, објави унгарската новинска агенција МТИ.