Утре во Брисел: Донаторска конференција „Заедно за Албанија“

40

Под мотото „Заедно за Албанија“ утре во Брисел ќе биде одржана донаторска конференција за обнова на Албанија по катастрофалниот земјотрес, што ја погоди утрото на 26 ноември минатата година.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и албанскиот премиер Еди Рама ќе потпишат програма за поддршка на Албанија во реконструкцијата и рехабилитацијата на штетите од земјотрес во Албанија во вредност од 15 милиони евра.

На конференцијата ќе бидат и еврокомесарот за соседска политика и преговори, Оливер Вархеји и комесарот за менаџирање со кризи, Јанез Ленарчич, пренесуваат албанските медиуми. Додаваат дека на истата ќе учествуваат Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, земјите членки на Европската Унија, регионот на Западен Балкан и пошироко.

За време на посетата на Албанија минатиот месец еврокомесарот Вархеји најави дека на Албанија, ќе и биде дадена помош од 28 милиони евра. Министерот за надворешни работи на Холандија, Штеф Блок, најави помош во висина од три милиони евра. Проценетата материјална штета од земјотресот изнесува 985.074.906 евра.