Земјите кандидати за членство во Европската Унија мора да се придвижат напред за да ги постигнат критериумите и за да ги исполнат преземените обврски. Во земјите членки има расположение за проширување, но денешниот самит ЕУ –Западен Балкан нема да биде посветен на проширувањето на Унијата и нема да стане збор за прашањата поврзани со преговарачкиот процес, како уставните измени што се бараат од Македонија, брифираа вчера извори од Европскиот совет. Тие извори посочуваат дека Македонија, како и другите земји кандидати за членство, треба да работи на исполнување на критериумите утврдени со Преговарачката рамка, меѓу кои се и уставните измени. На брифингот со новинарите беше посочено дека, сепак, би можело да биде поставено ова прашање во рамките на расправата на самитот посветена на помирувањето, иако таа дебата, според нив, не би требало да се поврзува со преговарачкиот процес.
– Се надеваме дека уставните измени ќе бидат спроведени што е можно поскоро и дека преговарачкиот процес ќе продолжи успешно. Самитот не е за проширување, и тоа нема да биде тема. Можеме да кажеме дека има нов моментум во проширувањето. Се придвижуваме напред и земјите кандидати мора да се придвижат за да ги постигнат критериумите и за да ги исполнат преземените обврски. Би рекол дека има во земјите членки расположение за проширување – рече изворот од Европскиот совет на вчерашниот брифинг со новинарите.
Во предлог-заклучоците на самитот ЕУ – Западен Балкан, без конкретно да се посочи земјава, се наведува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа е од суштинско значење да се спроведуваат меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
– Сè уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и на регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и за спроведување дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и за билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи – се вели во предлог текстот на Бриселската декларација.
Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК) во вчерашните заклучоци за проширувањето, исто така, повтори дека земјава треба да ги спроведе уставните измени и посочува дека откако ќе се случи тоа, нема да има дополнителни одложувања на почетокот на пристапните преговори за земјава. Советот ги охрабрува сите партии во Собранието на меѓупартиска соработка, со фокус на напредокот во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.
– Советот на ЕУ ја поздравува определбата на новата Влада на Северна Македонија, која ја прогласи интеграцијата во Европската Унија за своја стратешка цел, но потсетува дека земјата сè уште не ги спровела уставните измени на кои се обврзала. Повторувајќи го повикот до Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени, Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ја спроведе својата обврска, во согласност со своите внатрешни процедури. Потоа Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со преговарачката рамка – се наведува во делот од заклучоците посветени на земјава.
Советот забележува дека сè уште се потребни решителни чекори за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областите на основните вредности и владеењето на правото, каде што е постигнат само ограничен напредок. Во заклучоците се наведува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на Процесот за стабилизација и асоцијација.
Се додава дека земјава „треба да испорача“ независност, професионализам, ефикасност и непристрасност на судството и реформа на јавната администрација, при што Судскиот совет треба да биде зајакнат во согласност со препораките на Оценската мисија на ЕУ од 2023 година, а борбата против корупцијата и организираниот криминал треба да биде зајакната.
– Советот и понатаму е сериозно загрижен за измените на Кривичниот законик, кои се однесуваат на голем број случаи на корупција на високо ниво. Советот ја повикува Северна Македонија да усвои нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и со меѓународните стандарди. Советот, исто така, го обновува својот повик до Северна Македонија дополнително да ги зајакне основните права, вклучително и правата на лицата што им припаѓаат на малцинствата или заедниците, слободата на медиумите и слободата на изразување – се додава во текстот.
Пред да отпатува за Брисел, премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот изјави дека ќе ги пренесе добро познатите аргументи за македонските евроинтеграции и дека очекува новиот состав на Европската комисија, по средбите на почетокот од овој месец, веќе да има повеќе информации и да се дојде до решение не само за првиот чекор туку и решение што ќе нè однесе докрај. Мицкоски рече дека ЕУ треба да се врати на старите шини и да шири вредности што ќе се темелат на мерит-системот. Во пресрет на самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека мора да се работи за целосно исполнување на обврските на земјава, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори.
Во меѓувреме, по нон-пејпрот кој го подготвија Словенија и Германија, а кој предвидува во претпристапниот процес на Европската Унија да нема можност за вето или блокада поради билатерални прашања со соседните земји, и министрите за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и на Словенија испратија заедничко писмо до шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, и до комесарката за проширување, Марта Кос, во кое порачуваат дека е време за решителен напредок во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и презентираат конкретни чекори за поддршка на регионот на неговиот пат кон ЕУ. (В.С.Н.)