Уставните измени не се последното барање, неопходни се реформи

69

Без никакви поместувања од партиските позиции, власта не се откажува од уставните измени,  а на помош доаѓаат нови тури дипломати од повеќе европски земји. И покрај тоа што предлогот сè уште не е во собраниска процедура, се прават сите обиди да се обезбедат потребните 80 пратеници. Судејќи по сегашните околности, тоа се чини како невозможна мисија, но власта со секојдневните изјави покажува дека не го губи оптимизмот за исполнување на главниот услов.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, во телевизиско интервју, вели дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ, туку земјава треба да се фокусира на реформите, особено во владеење на правото.

-Уставните измени нема да бидат последното доставено барање до оваа земја. Ние ќе бараме од оваа земја на секој чекор да прави реформи. Важна работа е барањата да бидат засновани на реформи. Дали направивте реформи во владеењето на правото, во животната средина и во сите тие области. Таму треба да биде фокусот, а не билатерални барања да влегуваат во процесот – рече Гир.

За тоа дали е можно уставните измени да се донесат до ноември, Гир рече дека прашањето како сега да се направи прогрес е големо.

-Прашањето дали земјата може да се обедини на програмата за ЕУ реформи, да се пресече политичкиот јаз, со цел да се напредува одлучно. Кога ќе ги погледнете другите земји како Хрватска или Словенија, сите оние земји што неодамна се зачленија, нивното искуство беше дека политичките групи се обединија иако беа многу поделени по многу области, по ова прашање работеа заедно за да постигнат заедничка цел – членство во ЕУ. Сметам дека истото треба да се примени и тука за уставните измени. Но тоа е само почетокот, бидејќи потоа секој чекор од патот мора да биде со заедничка посветеност да оди напред – вели Гир.

И додека власта се надева на помош од меѓународниот фактор, опозицијата разговара со сите, но ставот тешко дека може да го смени. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во телевизиско гостување рече дека не може некој што е 7 години власт од уста да не ја вади ЕУ, а да ни се таложат проблеми во сите сфери на општеството.

„Покрај ветото од Бугарија, нам ни се најавува уште едно ново можно вето од страна на Холандија и некој други членки на Европска Унија токму за немањето на судски реформи, криминалот и корупцијата кој Холандија ги смета за многу сериозни“, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на Телевизија 24.

Предлогот со уставните амандмани неколку недели по ред е заглавен во владина процедура, и неизвесно е кога ќе стигне до Собрание. Во исто време, за следната недела се најавува нова дипломатска офанзива во обид да се разубеди опозицијата да поддржи уставни измени. Во Македонија доаѓаат министри од Австрија, Словачка  и Чешка, кои ќе разговараат со претставници на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека во Македонија се бара начин како да се постигне единство за националните интереси, премиерот на Бугарија, Николај Денков, смета дека Софија испраќа многу погрешни сигнали кон Скопје. Тој тоа му го рекол и на германскиот канцелар Шолц. Вели дека истиот став им го пренел и на повеќето од европските колеги со кои се сретнал откако стапил на функцијата.

„Имав разговори со премиерот Шолц и јасно му реков. Видете мислам дека испраќаме погрешни сигнали кон Северна Македонија. Имаме многу јасна основа за нашите односи и тоа е посочено во постигнатиот ’европски компромис’. Секој обид да се излезе од него само ќе го попречи процесот. Затоа, ајде да се вратиме на таа основа и да работиме заедно за нејзина реализација“, им рекол Денков на колегите.

Во интервјуто објавено на фејсбук-страницата на бугарската влада, премиерот Денков нагласува дека вистинскиот „слон во собата“ се уставните измени кои треба да ги усвои Северна Македонија.

„Во моментов решавачкиот чекор е целосно кај Република Северна Македонија. За да почнат преговори за пристапување на земјата во Европската Унија, тие мора да го променат својот Устав. Очигледно, ова е тежок процес за нив и на некој начин болен. Тие треба да го направат тоа бидејќи тоа е во срцето на т.н. европски компромис од минатата година, врз основа на францускиот предлог. Ништо повеќе не се бара од нив. Прашањето е дали се подготвени да поминат низ овој процес. Ние стриктно ќе ги следиме овие услови, овие инструкции кои се дадени во т.н. европски компромис, кои се поврзани со заштитата на граѓанските права на луѓето со бугарски идентитет“, рече тој коментирајќи ги односите меѓу Скопје и Софија.