Спроведувањето на уставните измени, според сè позачестените опозициски реакции, полека стануваат врзани со предвремените избори. Ако судиме според теренските активности на најголемите партии, трката по привлекување на гласачи е веќе започната. Според последната анкета на МКД.мк, спроведена од агенцијата „Маркет вижн“, опозицијата е поуспешна во ловот на политичка поддршка и продолжува со притисокот за скорешни предвремени избори.
Убедлива двојна предност за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски покажува најновата анкета, при што на прашањето за која партија ќе гласате наредните избори, дури 22 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДС само 11,5 проценти од анкетираните граѓани.
„Граѓаните одбираат промени, надеж и иднина. А тоа го покажува и растечкиот рејтингот на Христијан Мицкоски. Имено, на прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, дури 12 проценти од граѓаните одговориле дека најмногу веруваат во претседателот Мицкоски, додека само 6,1 од испитаниците одговориле дека веруваат во Димитар Ковачевски, односно дупло помалку. Доколку се направи споредба со анкетата направена во февруари од истата агенција „Маркет вижн“, претседателот Мицкоски има раст во рејтингот, за разлика од Ковачевски, кој има пад во рејтингот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опозициска партија ниту еден македонски премиер претходно, ниту влада немале помал рејтинг од сегашниот рејтинг на Ковачевски и СДС.
„Паѓа рејтингот на СДС и Ковачевски. Граѓаните немаат доверба во СДС и Ковачевски. Токму и поради ова Ковачевски и СДС бегаат од избори. Но колку повеќе бегаат, толку повеќе паѓа рејтингот на СДС и Ковачевски“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската критика е насочена истовремено и кон вториот владин партнер ДУИ, поради поврзаност, како што велат, со корупција и криминал.
„На ДУИ не ѝ бега опозиција за неколку месеци, бидејќи се претвори во криминален картел, каде што градоначалникот на Струга, Мерко, веќе е ставен на црна листа на САД, поради криминални активности, братот на Груби купува дуќани, во центарот на Скопје по багателна цена, а сега дојдоа на ред и нивните внуци, како младиот “претприемач” Дрин Ахмети. За многу кратко, доаѓа времето кога одговорност ќе има за секој еден криминал кој е направен, без разлика, кој како се вика и презива“, истакнуваат во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
На ВМРО-ДПМНЕ му се брза што поскоро да има избори, па како што рече партискиот потпретседател Александар Николоски, спремни се да поддржат укинување на Пржинска или техничка Влада само доколку на истата седница бидат изгласани предвремени парламентарни избори.
„Доколку услов на власта на СДС и ДУИ е да нема техничка т.н Пржинска Влада тогаш ние се сложуваме под услов на иста собраниска седница во Собранието да се изгласа и укинување на Пржинска односно техничка Влада и предвремени парламентарни избори. Ние сме убедени во нашата поддршка и колку и да прават местенки, злоупотреби толку е голема народната волја што ништо нема да ги спаси и сме спремни убедливо да победиме на избори”, истакна вчера Николоски на ТВ 21.
Од СДСМ, пак, истакнуваат дека уставните измени за продолжување на евроинтегративниот процес на државава им се во преден план и бараат од ВМРО-ДПМНЕ да покаже државничко однесување со поддршка на патот кон ЕУ.
„ДПМНЕ нема поддржано ниту една важна стратешка одлука, важна за државата, досега. ДПМНЕ не го поддржа членството во НАТО, беше против Договорот од Преспа, против продолжувањето на преговорите со ЕУ а не гласаа ниту за договорот ФРОНТЕКС. ДПМНЕ заедно со Левица застана и против одлуката на германскиот Бундестаг за поддршка на членството во ЕУ и признание за македонскиот идентитет. Сега е време за нова одлука за продолжување на европскиот пат. ДПМНЕ и Мицкоски имаат шанса макар еднаш да покажат државничко однесување. Сметаме дека има време за дијалог и заедно да ги донесеме уставните измени“, истакнаа во соопштението од СДСМ.
Наспроти обидите на партиите и партиските лидери да ја зголемат поддршката, ако се суди според резултатите на анкетата, спроведена од 5 до 16 јуни 2023 година со телефонско анкетирање на примерок од 1.200 испитаници, голем број граѓани се разочарани и дури две третини или 60,5% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена. Доколку утре се одржат избори нешто повеќе од половина или 56,8% од испитаниците би излегле да гласаат. Интересно е што половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, но само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно. Ова е сериозен показател дека најголем дел од граѓаните не гледа позитивни политички сигнали и можност партиите успешно да ги решат најважните проблеми во државата.
(И.С.)