Уставниот суд ја укина графата националност во изводите од матичните книги

55

Уставниот суд одлучи да поведе постапка по делови од три члена од Законот за матична евиденција во кој е содржан зборот „националност“, во изводите за родени, за венчани и за умрени. Судот, исто така, им наложи на службите сè додека не се донесе конечна одлука, да не бараат податоци за впишување на овој податок.

– Судот денеска изрази сомнеж во уставноста во членот 4 став 1 точка 2 во делот националност, членот 11 став 1 точка 1 во делот националност и во членот 13 став 1 точка 1 во делот националност. Во следниот период, Уставниот суд ќе оценува дали е уставно, покрај наведените лични податоци како што се името, презимето, податоците за раѓање и живеалиштето, граѓаните да ја наведуваат и својата националност во матичните книги за родените, за венчаните и за умрените лица – изјави вчера портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска.

Според Судот, посочува таа, припадноста кон одредена нација е приватно и внатрешно чувство на секој поединец и е негово право да одлучи дали ќе биде припадник на одредена нација, дали ќе се изјасни за сопствената националност, но и да се повика на правото да не се изјаснува за ова. Токму поради тоа е поведена постапката.

– Уставниот суд смета дека овие оспорени одредби не се во согласност со неколку члена на Уставот, односно владеењето на правото, опфатени во членот 8 алинеја 3, во членот 18 кој ја гарантира тајноста на личните податоци. Од денеска, па сè додека Судот не ја донесе конечната одлука, не смеат од граѓаните да се бараат вакви податоци за впишување националност во изводите за родени, венчани и за умрени лица, со оглед на тоа дека е донесена т.н. времена мерка – рече Беловска.

Иницијативата е поднесена на 3 јуни 2023 година, од партијата Левица. Уставниот суд, претходно одлучувајќи по сопствена иницијатива, донесе одлука да се поништи упатството за водење матични книги.

Оваа графа беше воведена со одлука на министерот за правда Кренар Лога во мај годинава. Тој објави упатство за матичните служби врз основа на закон од 95-та година, што беше оспорен пред Уставниот суд од Левица. Во јули, Судот времено го стопираше ова упатство, но немаше мнозинство за донесување одлука.

Упатството требаше да почне да се применува од 1 јануари 2024 година.