Условна казна за кавадарчанец кој отрул куче: Ставил отровна салама пред двор на куќа

31

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Предлог за издавање казнен налог против 32-годишен жител на селото Глишиќ, обвинет за кривични дела – Предизвикување општа опасност од член 288 став 4 во врска со став 1 и Мачење животни според член 233 став 1 од Кривичниот законик.

Како што информикра државното Јавно обвинителство, обвинетиот на 9 ноември исекол неколку парчиња салама, ги напрскал со токсичен препарат наменет за прскање и заштита на винова лоза, ги ставил во ќеси како мамка и ги оставил пред незаградениот двор на семејна куќа.

-Иако бил свесен дека во куќата живеат четири семејства и постојано има голема фреквенција на луѓе, како и дека поради таквото негово дејствие може да настапи штетна последица, тој сепак лекомислено сметал дека штетната последица може да ја спречи или дека таа нема да настапи, па на тој начин предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Мамките со отров ги развлекло и ги јадело куче без сопственик, кое се отруло и починало, соопшти ЈОРСМ. Наведува дека поради сите околности, вклучително и тоа што обвинетиот претходно не е осудуван и фактот дека го признал делото пред јавниот обвинител и изразил каење, до Основниот суд во Кавадарци доставен е предлог да изрече алтернативна мерка – условна осуда со утврдена затворска казна која нема да се изврши доколку обвинетиот во дадениот временски рок не стори ново кривично дело.

Исто така, до судот е предложено тој и парично да се казни со 30 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 10 евра во денарска противвредност.