Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денеска повика на итен прекин на огнот, велејќи дека овој месец во Либан секој ден се убива најмалку по едно дете и дека најмалку десет се ранети.
„Тековната војна во Либан ги сврте животите на децата наопаку и во многу случаи предизвика сериозни физички рани и длабоки емоционални лузни“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.
Според податоците на Министерството за здравство на Либан, од почетокот на конфликтот меѓу либанскиот Хезболах и Израел во октомври минатата година, загинале 166 деца, а најмалку 1.168 се ранети.
Агенцијата соопшти дека илјадници деца кои ги преживеале бомбардирањата и нападите покажуваат загрижувачки знаци на емоционални, физички и нарушувања во однесувањето, како што се нарушен сон, губење на апетит, прекумерен страв, зголемена анксиозност, агресија и тешкотии во концентрацијата.
УНИЦЕФ соопшти дека од почетокот на ескалацијата на конфликтот овој месец, на илјадници деца им е укажана прва психолошка помош и поддршка.