УНЕСКО: Неинвестирањето во образованието го чини светот илјадници милијарди годишно

39

Недостатокот на инвестиции во образованието го чини светот илјадници милијарди долари годишно, покажува студијата на УНЕСКО објавена денеска.

Во извештајот насловен „Цената на неактивноста: приватни, социјални и фискални трошоци за децата и младите кои не учат“, експертите на ОН за образование, наука и култура пресметаа дека тоа ќе го чини светот 10 трилиони долари во 2030 година.

Тој износ го надминува БДП на Франција и Јапонија заедно, две од најбогатите земји во светот, рече генералниот директор на УНЕСКО Одри Азулеј.

Азулеј укажува на „маѓепсан круг“ на недоволно инвестирање во квалитетно образование. „Луѓето со пониско образование имаат помалку вештини. Неквалификуваните работници заработуваат помалку. Луѓето со пониски примања плаќаат помалку даноци, што значи дека владите имаат помалку ресурси да инвестираат во образовни системи кои се достапни за сите“.

Околу 250 милиони деца (128 милиони момчиња и 122 милиони девојчиња) не оделе на училиште во светот во 2023 година, според УНЕСКО, а една од последиците е тоа што околу 70 отсто од десетгодишните деца со средни и ниски приходи земјите не можат да разберат едноставен пишан текст.

Според извештајот, јазот во вештини достигнува 94 отсто во субсахарска Африка, 88 отсто во Јужна Азија и Западна Азија, 74 отсто во арапските земји и 64 отсто во Латинска Америка и Карибите.

Со намалување на бројот на млади луѓе кои не посетуваат училиште или се недоволно обучени за 10 отсто, глобалниот БДП би растел за еден до три отсто годишно, заклучуваат експертите на УНЕСКО во оваа студија.

„Образованието е стратешка инвестиција, една од најдобрите за поединци, бизниси и општества воопшто“, вели Азулеј. Покрај финансиските причини, образованието има влијание и на раната бременост, која кај помалку образованите девојчиња се зголемува за 69 отсто.