УНЕСКО во најновиот извештај поради недоволниот напредок во решавањето на проблемите и поради постојаните закани по средината со големите инфраструктурни и развојни проекти, препорача да го стави Природното и културното наследство на Охридскиот регион на Листата на загрозено светско наследство.

Во извештајот, кој треба да биде разгледан на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку од 30 јуни до 10 јули, УНЕСКО повторно бара од државата да воспостави мораториум на секакви урбанистички трансформации на брегот.

Освен тоа бара да се направи проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание на заштитеното подрачје и потоа да се урнат сите оние кои се опасност за животната средина.

УНЕСКО во најновиот извештај ја опоменува државата дека треба да се имплементираат сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.

Од организацијата забележаа дека државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и реализираат во заштитеното подрачје и дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на оригиналната траса на железничкиот коридор 8.

Од другите инфраструктурни проекти УНЕСКО изрази загриженост и за делот од автопатот од Требеништа до Струга и бара од државата итно да пронајде друго решение за проектот.