Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во текот на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, оствари продуктивна средба со Гелерт Жасзаи, претседател на 4iG-групацијата.

Како што соопштија од Министерството за транспорт, на средбата одржана во унгарската престолнина, претседателот на 4iG-групацијата изразил силен интерес за анализа на условите за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава и нудење услуги во мобилната и во фиксната телефонија. Како истакната регионална ИТ и телекомуникациска компанија со докажана историја во поттикнувањето на дигиталната трансформација во различни сектори, оваа иницијатива, се додава, е усогласена со стратегијата на 4iG-групацијата за проширување на нејзиното присуство во земјите од Западен Балкан.

– Веруваме дека воспоставеното искуство на 4iG-групацијата во телекомуникациската индустрија, комбиниранo со нејзината стручност во регионални рамки, може ефикасно да се искористи и на македонскиот пазар. Оваа иницијатива ветува значителни придобивки за двете страни, а може да биде поволна, особено за граѓаните на Македонија, бидејќи и Македонија и 4iG- групацијата делат заедничка визија за поврзано и дигитално напредно општество – истакнал министерот Николоски.

Во текот на официјалната средба, двете страни ги истакнале значењето и развојот на дигиталната инфраструктура за економски и социјален напредок.

Усогласувајќи се со плановите за одржлив развој на Македонија до 2030 година, претседателот на 4iG-групацијата изрази интерес за соработка во проекти во комуникациската инфраструктура, истакнувајќи ги потенцијалните инвестиции во најсовремени технологии за подобрување на поврзаноста меѓу урбаните и руралните средини во Македонија, се посочува во соопштението.

4iG-групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ-систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенската и на одбранбената индустрија.  Во 2022 година, 4iG-групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и во Албанија, преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.

Под брендот ONE, подружниците на 4iG на Западен Балкан прават значителна трансформација. Со тоа, станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија, формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании, станува  врвен телекомуникациски провајдер во земјата.