Унгарија на кормилото на ЕУ – се отвора ли патот за Македонија и Западен Балкан?!

Унгарија од денеска го презеде претседавањето со ЕУ и ќе биде на кормилото на Унијата до крајот на годината, а еден од седумте приоритети на Будимпешта ќе биде конзистентна политика на проширување заснована на заслуги со порака дека ЕУ не може да биде целосна без пристапот на Западен Балкан во блокот. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, во првите пораки од зад кормилото на Унијата, оцени дека проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан е запрено и рече дека на европскиот блок му се потребни нови држави членки и нивниот економски замав повеќе од кога било досега. Орбан вели дека луѓето во ЕУ гласале за промени, но дека „бриселската елита ги изневерила“. И унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока порача притисокот што доаѓа од некои делови на ЕУ во корист на преговорите со Украина, да се пренасочи кон Западен Балкан

124
epa11435127 Hungarian Prime Minister Viktor Orban during a joint press conference with the Italian prime minister after their meeting at the Chigi Palace in Rome, Italy, 24 June 2024. EPA-EFE/ANGELO CARCONI

Унгарија од денеска го презеде претседавањето со ЕУ и ќе биде на кормилото на Унијата до крајот на годината, а еден од седумте приоритети на Будимпешта, ќе биде конзистентна политика на проширување заснована на заслуги со порака дека ЕУ не може да биде целосна без пристапот на Западен Балкан во блокот. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во првите пораки од зад кормилото на Унијата оцени дека проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан е запрено и рече дека на европскиот блок му се потребни нови држави членки и нивниот економски замав повеќе од кога било досега. Орбан вели дека луѓето во ЕУ гласале за промени, но дека „бриселската елита ги изневерила“.

-Проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан е запрено. Само херојската борба на унгарскиот комесар за проширување (Оливер Вархеји) донесе одреден напредок. Бриселските демократи несомнено се успешни во една работа – ослабнувањето на националните држави и зголемувањето на сопствената моќ. Оваа елита во нас буди сеќавања на комунистите. Нивниот моментален идеал е токсичната зелена политика“, напиша унгарскиот премиер авторски текст за дневниот весник „Маѓар Немзет“.

И унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока најави напредок за Западен Балкан. Според него, земјите кандидати од овој регион би можеле да се надеваат на нов поттик во однос на преговорите со Унијата.

 

-Притисокот што доаѓа од некои делови на ЕУ во корист на преговорите со Украина треба да се пренасочи кон Западен Балкан. Претседателството си постави за цел прелевање на тој ентузијазам на земјите од Западен Балкан, за да можат сите да се приближат до членството, рече Бока во Брисел.

Покрај проширувањето, приоритети на унгарското претседателство ќе бидат конкурентноста, одбраната, илегалната миграција, регионалниот развој, земјоделската политика и демографијата, се наведува на веб-страницата на Претседателството.

„ЕУ долго време беше ангажирана во обезбедувањето европска перспектива за Западен Балкан, бидејќи заедницата не може да биде целосна без пристапувањето на овој регион. Интеграцијата на регионот носи придобивки за Европската Унија во економска, безбедносна и геополитичка смисла“. Со цел понатамошно проширување и продлабочување на соработката, се додава, дека партнерите ќе бидат поканети на консултации и во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан и во рамките на Европската политичка заедница.

Останатите шест приоритети на унгарското претседателство се однесуваат на новиот европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, спречување илегална миграција, обликување на иднината на кохезионата политика на ЕУ, земјоделска политика на ЕУ ориентирана кон земјоделците и решавање на демографските предизвици.

Во делот од програмата што се однесува на акцијата на Советот за надворешни работи на ЕУ, се наведува дека стабилноста на Западен Балкан е витален интерес на ЕУ, и дека унгарското претседателство затоа ќе го поддржи продлабочувањето на конкретни проекти за соработка со регионот, особено за подобрување на регионалната соработка и стабилност. Се посочува дека за време на претседавањето, Унгарија планира да организира самит ЕУ-Западен Балкан во регионот и да одржи меѓувладини конференции со земјите кандидати.

Основен интерес на ЕУ е, се истакнува, да се одржи стабилноста во непосредното соседство и регионот во догледна иднина да се приклучи на ЕУ.

Кога станува збор за заедничката безбедносна и одбранбена политика, се наведува дека за време на претседавањето, со оглед на актуелната безбедносна ситуација, Будимпешта ќе смета дека е приоритет да се обезбеди стабилност на Западен Балкан и регионот Сахел преку воените мисии на ЕУ соработка и дијалози фокусирани на безбедноста, како и да се обезбеди поддршка преку Европскиот инструмент за мир.

Во однос на телекомуникациите, се наведува дека ќе се направат напори за приближување на Западен Балкан и Грузија до роаминг зоната на ЕУ, а во програмата, меѓу другото, се посочува и важноста на интеграцијата на Западен Балкан во гарантирањето безбедност на Европа.

Мотото на претстојното шестмесечно унгарско претседавање со ЕУ ќе биде „Да ја направиме Европа повторно голема“, изјави претходно унгарскиот министер за ЕУ ​​Јанош Бока, презентирајќи ги приоритетите и амбициите на унгарското претседателство кое доаѓа во периодот на конституирање на новото раководство во европските институции, а го презема Белгија, која во изминатите шест месеци успеа да затвори над 60 законски предлози. За време на белгиското претседателство, ЕУ успеа да најде консензус за нова финансиска поддршка за Украина, вклучувајќи ги и замрзнатите руски средства. Официјално беа отворени пристапните преговори со Украина и Молдавија, беа усвоени 13. и 14. пакет санкции против Русија.