„Уличното осветлување“ да се врати во категоријата мал потрошувач

Според претседателот на Заедницата на единиците на локални самоуправи, Орце Ѓорѓиевски, ЗЕЛС лобирала за враќање на оваа категорија во тарифникот или за итно донесување измени во Законот за комунални такси. – ЗЕЛС испрати предлог до Министерството за финансии, цената на уличното осветлување да се пресметува со просечната цена на високата и на ниската тарифа за мал потрошувач, зголемен за коефициентот ЛВ 1.1 – потенцира претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, лани, кога се носеше новиот тарифник, објасни дека сметките за струја на општините ќе се зголемат за најмалку 10 проценти поради, како што рече, „малверзациите што ги правеле дел од општините“

437

Наместо да се изнајде решение во корист на граѓаните, состојбата во општините во државава дополнително се влоши преку носење два документа – изоставувањето на категоријата „улично осветлување“ од тарифникот на новите цени на струјата и забраната од Владата до општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување.

Според претседателот на Заедницата на единиците на локалните самоуправи, Орце Ѓорѓиевски, ЗЕЛС лобирака за враќање на оваа категорија во тарифникот или за итно донесување измени во Законот за комунални такси.

– Иако Министерството за финансии констатира дека е потребно да се направат законските измени, од таму, до ден-денес, нема никакви поместувања. Предлозите од централната власт беа во насока општините сами, преку советите, да ја утврдат висината на оваа такса, што е апсолутно неприфатливо и поради тоа ЗЕЛС испрати предлог до Министерството за финансии цената на уличното осветлување да се пресметува со просечната цена на високата и на ниската тарифа за мал потрошувач, зголемен за коефициентот ЛВ 1.1 – потенцира Ѓорѓиевски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, лани, кога се носеше новиот тарифник, објасни дека сметките за струја на општините ќе се зголемат за најмалку 10 проценти поради, како што рече, „малверзациите што ги правеле дел од општините“. Тој објасни дека за да ги намалат трошоците за електрична енергија, некои општини формирале јавни претпријатија преку кои обезбедувале струја за јавно осветлување по цена за домаќинствата и за само четири месеци, оптоварувајќи го системот, на ЕВН му направиле долг од 30 милиони евра. Регулаторна сега бара начин како да не падне овој трошок на товар на граѓаните.

– Поради некоректен однос на повеќе општини од државата, кои измислуваат јавни комунални претпријатија што не ги исполнуваат условите за да одат на слободен пазар за да го намалат трошокот за улично осветлување, направен е тотално непотребен трошок за набавка на електрична енергија од 30 милиони евра –истакна тогаш Бислимоски.

Имено, цената што треба да ја наплатува ЕВН на име јавно осветлување треба да биде средната вредност на цената што се наплатува за малите потрошувачи, сè до изменување на Законот за комунални такси.

Во однос на владината забрана општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување, а оние општини што основале вакви претпријатија да ги укинат, ЗЕЛС поведе иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката, со утврдување на предлог за донесување времена мерка со која ќе се запре примената на истата.

– За жал, минатата недела стигна решението од оваа највисока судска инстанца со кое оваа иницијатива беше отфрлена, со што општините повторно се доведоа до финансиски подредена состојба – потенцира Ѓорѓиевски.

Тој вели, сите локални самоуправи ќе мора да посветат внимание на изнаоѓањето начини за обезбедување средства за оваа намена од европски проекти или од други извори за финансирање, затоа што не се знае како ќе се одвива понатаму состојбата со енергетската криза. Како позитивна ја издвои вонредната мерка со која основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за снабдување со вода, беа префрлени на регулираниот пазар.

Информираше дека лобирањето на ЗЕЛС во следниот период ќе биде насочено кон тоа училиштата да не се третираат како профитни организации, бидејќи е неприфатливо да се плаќа по тарифа како за стопанствениците и дека е задоволен што за ова ЗЕЛС има поддршка и од УНИЦЕФ.

Во контекст на Министерството за образование и наука, кое заедно со УНИЦЕФ ја работи новата предлог-методологија за распределба на блок-дотациите за основното образование, Ѓорѓиевски укажа дека ставот на ЗЕЛС, кој е испратен и до МОН, е дека е неопходно зголемување на блок-дотациите за образование, бидејќи има општини што 95 %, па и 97% од овие средства трошат за  плата на вработените, а сето останато го покриваат од свои средства.

(С.Бл.)