Во неделата околу 15:00 часот, беше нападнато момче од глутница улични кучиња на плоштадот „Македонија“ (кај спомен-плочата на Мајка Тереза) во Скопје. Луѓето што седеа во блиската кафеана, сведочат дека кучињата не биле предизвикани со ништо, туку само се стрчале кон момчето. Тоа, од страв, почнало да бега и кучињата станале поагресивни и лаеле. На помош дошол продавачот на пуканки и некако ги смирил, а младичот бил видно вознемирен.

Малку подоцна, таа глутница кучиња лаеле кон група туристи од Турција, кои пристапувале кон Плоштадот откај Порта „Македонија“. Туристите не биле нападнати, но самиот факт дека лаеле кучињата кон нив, остава грда слика за центарот на македонскиот главен град, и не само тука, затоа што бројот на улични кучиња постојано се зголемува не само во Скопје туку и во другите градови низ државава.  

Здруженијата за заштита на животните сметаат дека никој не сака да гледа глутници кучиња по улиците и плоштадите и велат дека вината за ваквата состојба треба да се бара во институциите, кои ништо не направиле изминатите години за да се реши ова прашање, а не во кучињата.

Посочуваат да се примени системот на контрола и мониторинг не само на бездомните кучиња туку и на оние со сопственик, како што се прави во развиените земји. Исто така, сметаат дека е неопходна и драстична контрола на истоварот на кучиња, кој се прави од една во друга општина.

Во последните три години, над три илјади граѓани пријавиле напади од улични кучиња, а една петтина од нив се деца. Се смета дека бројките се многу поголеми од официјалните, а општините исплаќаат илјадници евра за отштети.

Во таа насока, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, поднесе иницијатива до Основното јавно обвинителство за отворање постапка и спроведување истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници што се доставуваат до Општината.

Со иницијативата, градоначалникот бара Обвинителството да спроведе соодветна постапка врз основа на која ќе се направи целокупна и опсежна анализа, но и истрага, при што ќе бидат отстранети сите сомнежи што постојат или ќе се утврди кривична одговорност против сите оние што извршиле злоупотреба и го оштетиле буџетот на Општина Битола, а се здобиле со материјална корист за себеси на сметка на истиот.

Иницијативата произлегува по укажувањето од надлежните служби, но и на правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторена злоупотреба од сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче скитник, кои се со зголемен број во изминатиот период, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета.

– Имајќи предвид дека сум известен дека постои голема база предмети со ваков основ за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана од куче скитник во кои има сериозни индиции дека настанале неправилности и се извршила злоупотреба, а притоа истите имаат правна разрешница, но голем дел се и сè уште незавршени, стоиме на располагање, на Ваше барање, да ги доставиме сите потребни списи од овие предмети, но и другата потребна документација на увид, со цел успешно и непречено завршување на постапката и на истрагата – стои во иницијативата на градоначалникот Коњановски до ОЈО.

За надминување на проблемот со бездомните кучиња со кој се соочуваат сите општини, разговараа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Светлана Колариќ, со претставниците од Ветеринарната комора на Република Македонија.

Во фокусот на разговорот било изготвувањето национална стратегија за контрола на популацијата на кучиња со акциски план, како и мониторинг и евалуација на спроведување на Националната програма за контрола на популацијата кучиња.

– Надминувањето на проблемот со бездомните кучиња нè засега сите нас, но потребно е едно системско решение, кое ќе биде применливо во секоја од локалните самоуправи, согласно со нивните динамики на работа – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека била укажана потребата од понатамошна заедничка работа со Ветеринарната комора, а како прв човек на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски ја презел обврската да предложи решенија до новата Влада.

– Сметам дека со сериозен пристап и меѓуинституционална соработка, ќе изнајдеме вистинско решение со кое ќе постигнеме едновремено и безбедност на нашите жители и зачувување на благосостојбата на животните – заклучи Ѓорѓиевски.

(С.Бл.)