Улиците во мрак – за крадците по мерак!

240

Жител од Карпош реагира дека навечер не може улиците да не бидат воопшто осветлени.

-Сега е 2022 година, уште малку 2023 година. Срамота е. Мора да се најде алтернатива. Во Карпош по 20 часот изгледа како хорор-филм. За неколку месеци двапати ми го обиваат автомобилот и она што е најинтересно, крадците тоа го прават на 50 метри од полициската станица – вели карпошанин. Од Општина Карпош велат дека според статистиката на полициската станица Карпош, најголемиот број на кражби се извршувале во периодот од 12 часот до 18 часот, попладне и оти бројот на кражби во ноќните часови не се зголемени, а логичното објаснување е дека и на крадците потребна им е соодветна светлина за да можат да ги вршат криминалните дејствија

Кражбите во автомобили се во пораст откако општините решија да ја послушаат Владата и да спроведуваат рестрикција на уличното осветлување.

Граѓаните се жалат дека навечер во одделни делови од општините е потполн мрак, а според нив тоа е причината за позачестените кражби во автомобилите односно нивно обивање. Тие сметаат дека тоа што општините ја применуваат мерката за штедење на електрична енергија, исклучувајќи ги уличните светилки, не е никакво ослеснување за нив. Тие реагираат дека напротив двојно плаќаат за тоа. Како прво иако плаќаат такса за тоа, немаат улично осветлување, а како второ мракот, кој ги „навјаса“, е добредојден посебно за „експертите“ за обивање на автомобили. Оттука и заклучокот дека енергетската криза не само што удри по џебот на граѓаните, туку и по нивните имоти.

Жител од Карпош реагира дека навечер не може улиците да не бидат воопшто осветлени.

-Сега е 2022 година, уште малку 2023 година. Срамота е. Мора да се најде алтернатива. Во Карпош по 20 часот изгледа како во хорор-филм. За неколку месеци двапати ми го обиваат автомобилот и што е најинтересно крадците тоа го прават на 50 метри од полициската станица – вели карпошанин.

Тој додава дека во Карпош 1, во близина има две училишта, комплекс факултети и постојано има деца и не е во ред тие да се движат во постојан мрак.

Како што информираат од Општина Карпош, според статистиката на полициската станица Карпош, најголемиот број на кражби се извршувале во периодот од 12 часот до 18 часот попладне, на дневна светлина, во текот на часовите кога луѓето се на работа.

-Бројот на кражби во ноќните часови не се зголемени, а логичното објаснување е дека и на крадците им е потребна соодветна светлина за да можат да ги вршат криминалните дејствија – одговорија од Општина Карпош.

Оттаму додаваат дека мерките за штедење ќе продолжат да се применуваат и во иднина, по принципот секоја втора светилка, с додека не се овозможат услови за реализирање на проекти кои ќе овозможат поевтина електрична енергија.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи  во ноември годинава се евидентирани 79 кражби и 80 тешки кражби во морни возила, додека во месец октомври се евидентирани 25 кражби и 76 тешки кражби во моторни возила.

Во септември годинава се случиле 30 кражби и 115 тешки кражби во моторни возила, додека во август тој број се зголемува на 35 кражби и 150 тешки кражби во моторни возила. Во јули, пак, имало 36 кражби и 111 тешки кражби во моторни возила, а во јуни имало 34 кражби  и 92 тешки кражби во моторни возила.

Минатата година, пак, во ноември се случиле 20 кражби и 99 тешки кражби во моторни возила, додека во октомври 28 кражби и 113 тешки кражби во моторни возила. Во септември биле пријавени 35 кражби и 110 тешки кражби во моторни возила, додека во август имало 32 кражби и 96 тешки кражби во моторни возила. Во јули биле пријавени 39 кражби и 129 тешки кражби во моторни возила и во јуни се случиле 35 кражби и 103 тешки кражби во моторни возила.

(А.П.)