Украински брод се насука во Босфорскиот теснец, каналот е затворен

2160

Брод кој пловел од Украина кон Египет се насука во Босфорскиот теснец, а движењето на сите пловни објекти е прекинато во двата правци, објави украинскиот портал РБЦ.

Товарниот брод „Алексис“ на пат од Украина кон Египет се насука поради дефект на опремата, јавува Си-Ен-Ен Турк.

Според Управата на крајбрежната стража, бродот долг 229 метри се насукал пред пристаништето Хајдарпаша во Истанбул.

На местото на настанот веднаш се испратени шлепери, чамци за брзо спасување и нуркачи.

Сообраќајот на бродови низ Босфорот е привремено во прекин во двата правци“, се наведува во соопштението.

Откако Русија се повлече од договорот за жито во јули минатата година, беше воспоставен посебен поморски коридор за заштита на извозот на жито од пристаништето.

Босфорот е прометен канал и служел како излез за украинското жито на светските пазари во екот на руската инвазија. Речиси 40.000 бродови поминале низ Босфорот во 2023 година, според турското Министерство за транспорт.