Денес Путин намерно го избра Божик за напад. Што може да биде понечовечно? Повеќе од 70 проектили, вклучително и балистички ракети и повеќе од сто напади со беспилотни летала, рече Зеленски во објава на „Телеграм“. Во Киев луѓето се засолниле во метро станиците по предупредувањето за напад со дрон, бил под „масовен“ ракетен напад, а станбена четирикатница била погодена и во Криви Рих, родниот град на украинскиот претседател
Украинските градови се најдоа на мета на голем руски напад вчера, на католички Божик. Како што пренесува Би-би-си, додека милиони Украинци го славеа Божик, Русија изврши голем напад со проектили и беспилотни летала врз енергетската инфраструктура на земјата.
Украинската противвоздушна одбрана соборила најмалку 50 од 70 проектили лансирани од руските сили, насочени кон енергетската инфраструктура на Украина, изјави претседателот на земјата Володимир Зеленски.
-Денес Путин намерно го избра Божик за напад. Што може да биде понечовечно? Повеќе од 70 проектили, вклучително и балистички ракети и повеќе од сто напади со беспилотни летала, рече Зеленски во објава на „Телеграм“.
Има прекини на струја и ограничувања на снабдувањето со енергија низ целата земја, вклучително и во делови од Киев, јавува Би-би-си. Нападнати се електраните на најголемата украинска приватна енергетска компанија ДТЕК, чија опрема е сериозно оштетена. ДТЕК објави дека ова е 13-ти голем напад врз енергетскиот сектор на Украина оваа година. Русија ги интензивираше нападите врз енергетскиот сектор на Украина од пролетта и оштети речиси половина од производствениот капацитет на Украина, често предизвикувајќи повеќечасовни прекини на електричната енергија низ целата земја.
-Цел е нашиот енергетски сектор. Тие продолжуваат да се борат за затемнување во Украина, посочи Зеленски.
Но, во вчерашниот напад погодена е и цивилна инфраструктура. Во Киев луѓето се засолниле во метро станиците по предупредувањето за напад со дрон. Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вториот по големина град во Украина, во близина на руската граница, бил под „масовен“ ракетен напад и дека се слушнале серија експлозии. Според шефот на регионот Харков, Олег Синебухов, во нападот била оштетена цивилна нестанбена инфраструктура.
-Најмалку шест лица се повредени, изјави тој, пренесе Би-би-си.
Руската војска истрелала балистичка ракета која погодила и станбена зграда во Криви Рих во Дњепропетровск при што загинало најмалку едно лице, а 11 се ранети.
-Прелиминарните извештаи покажуваат дека руска балистичка ракета погодила четирикатница во родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски. За жал, се подготвуваме за тешки вести, соопшти градоначалникот Александар Вилкул, кој додаде дека службите за итни случаи реагираат на местото на нападот бидејќи се очекува да се зголеми бројот на жртви.
„Киев Индипендент“ објави дека експлозии биле регистрирани и во Днипро и Кременчук, како и во Ивано-Франковск на западот на земјата. Оперативната команда на вооружените сили на Полска, земја-членка на НАТО, соопшти дека ги подигнала борбените авиони како одговор на заканата од руските ракети во западна Украина. Исто така, во готовност се и копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување.
Како одговор на нападот украинските сили нападнале цели во Русија. РИА новости јави дека четири лица загинале, а пет се повредени во украинското гранатирање на градот Лгов во руската погранична област Курск. Според агенцијата, во гранатирањето биле оштетени станбени згради, деловни простории, најмалку 12 автомобили, како и мал дел од гасовод. Москва тврди дека соборила 59 беспилотни летала.
Остатоци од украински дрон ја предизвикаа експлозијата во трговскиот центар
Експлозијата во трговски центар во рускиот град Владикавказ, во Русија, во која најмалку едно лице загина, а седум се повредени, е предизвикана од остатоци од украински дрон што беше соборен од руската противвоздушна одбрана, изјави гувернерот на Северна Осетија, Сергеј Мењаило.
Експлозијата се случила на третиот кат од трговскиот центар во пресрет на отворањето на продавниците и предизвикала голем пожар.