Украина ја забрани употребата на Телеграм на официјалните уреди на државните службеници

22

Украина ја забранува употребата на апликацијата за пораки Телеграм на официјални уреди што ги користат владините претставници поради загриженоста за руската шпионажа.

Ова го соопшти украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана.

Безбедносното тело ги објави новите ограничувања откако Кирил Буданов, шефот на украинската воена разузнавачка агенција ГУР, на Советот му презентираше докази за способноста на руските специјални служби да ја надгледуваат платформата, се вели во соопштението.

Во соопштението на Советот за безбедност се наведува дека Буданов обезбедил докази дека руските специјални служби можеле да пристапат до пораките на Телеграм, вклучувајќи избришана содржина, како и лични податоци на корисниците.

Секогаш сум ја поддржувал и ја поддржувам слободата на говорот, но прашањето за Телеграм не е прашање на слобода на говор, тоа е прашање на национална безбедност“, рече Буданов.

Андриј Коваленко, шеф на Центарот за борба против дезинформации при Советот за безбедност, на Телеграм објави дека ограничувањата се однесуваат само на официјалните уреди, а не на личните телефони.

Телеграмот стана клучен извор на информации и во Русија и во Украина за време на војната, но украинските власти постојано изразуваа загриженост за безбедноста на податоците, пренесува Ројтерс.

Според базата на податоци „Телеметрио“, во Украина се активни околу 33.000 канали „Телеграм“.

Апликацијата Телеграм е со седиште во Дубаи и е основана од Русинот Павел Дуров, кој ја напушти Русија во 2014 година откако ги одби барањата да ги затвори опозициските заедници на неговата платформа VKontakte, која оттогаш ја продаде.

Дуров беше уапсен по слетувањето во Франција во август, како дел од истрагата за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и лажни трансакции на Телеграм.