Украина оценува дека има повеќе шанси за дипломатско решение отколку за ескалација на кризата

39

Украинското претседателство денеска оцени дека шансите за изнаоѓање „дипломатско решение“ за „кризата со Русија“ се значително поголеми „од можноста за воена „ескалација“.

– Шансите за изнаоѓање дипломатско решение за деескалација се многу поголеми од заканата од нова ескалација, рече Михаил Подолијак, главен советник на претседателството на Украина, по предупредувањата од американските разузнавачи дека Москва ги засилува подготовките за голема инвазија на Украина.

– Голема концентрација на руски војници во близина на нашите граници трае од минатата пролет, но за да изврши „голем психолошки притисок“, Русија спроведува големи ротации, организирајќи маневри и движења на оружје, се вели во писмената изјава, доставена од украинското претседателство до агенцијата Франс прес, пренесува Бета.

Тој додаде дека Украина и нејзините западни сојузници треба да бидат подготвени на сите сценарија и рече дека Украина ја спроведува „таа задача 100 отсто“.

Американската разузнавачка служба проценува дека Русија веќе располага со 70 отсто од неопходните воени сили за големата инвазија на Украина и дека би можела да има доволно капацитети, односно 150.000 војници за две недели да започне офанзива.

Разузнавачите проценуваат дека доколку рускиот претседател Владимир Путин се одлучи за најрадикалната опција, би можел да го опколи Киев, главниот град на Украина и да го собори претседателот Володимир Зеленски за 48 часа. Исто така, се предупредува дека во конфликтот би можеле да бидат убиени меѓу 25.000 и 50.000 цивили, од 5.000 до 25.000 украински војници и меѓу 3.000 и 10.000 руски војници, како и еден до пет милиони бегалци, главно во Полска.