Украинските сили веројатно нема да можат да го ослободат Крим од руските војници во блиска иднина, изјавија четворица високи претставници на американското Министерство за одбрана на Комитетот за вооружени сили на доверлив брифинг.

Оценката сигурно ќе ги фрустрира украинските власти, кои враќањето на полуостровот го сметаат за една од нивните главни цели, пишува Политико.

Не е јасно што ги навело американските власти да ја дадат таа проценка, но тоа е јасен показател дека Пентагон не верува дека Украина има или наскоро ќе има способност да ги протера руските војници од полуостровот што Москва го зазеде пред речиси десет години, пишува Политико.

Повеќето од учесниците на брифингот сметале дека победата на Украина во офанзивата за ослободување на нелегално анектираната територија не е сигурна. Сите четворица соговорници побарале анонимност за да откријат детали од тајниот брифинг. Меѓу учесниците на брифингот биле Лора Купер, заменик помошник секретар за одбрана за Русија, Украина и Евроазија и генералот Даглас Симс, директор за операции во Здружениот Генералштаб.

„Нема да коментираме за доверливи брифинзи или да шпекулираме за потенцијални идни операции. Што се однесува до способноста на Украина да возврати и да ја ослободи својата суверена територија, нејзините извонредни перформанси во одбивањето на руската агресија и континуираната приспособливост на бојното поле зборуваат сами за себе“, рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.

„Ќе биде тешко да се протера Русија од Крим“

Оценката на учесниците на брифингот го повторува она на што во последните недели алудираше генералот Марк Мили, претседател на Здружениот Генералштаб.

„Сè уште останувам на ставот дека оваа година ќе биде многу тешко воено да се протераат руските сили од цела Украина, односно од секој сантиметар од територијата. Тоа не значи дека тоа не може да се случи. Не значи дека нема да се случи , но ќе биде многу тешко“, рече Мили на 20 јануари во Германија.

Руските сили го окупираа Крим во 2014 година. Денес полуостровот е полн со противвоздушна одбрана и на него се стационирани десетици илјади војници. Многу од овие пешадиски сили се вградени во позиции кои се протегаат стотици километри кон украинските трупи долж реката Дњепар.

Прашањето за повторно заземање на Крим е спорно со месеци, бидејќи американските и европските официјални лица инсистираат на тоа дека полуостровот е дел од Украина, но во голема мера се воздржани околу целосното опремување на Киев за продор во областа.