УКРАИНА БЕСНА НА МАСК: Спречил напад со дрон врз руски воен брод

304
EPA-EFE/ALEXANDER BECHER

Украинската армија наводно морала да се откаже од неколку напади со беспилотни летала врз руски цели бидејќи милијардерот Илон Маск, директор на компанијата SpaceEx, која е сопственик на сателитската интернет мрежа Starlink, не сакал да и дозволи пристап.

Киев наводно планирал да употреби вооружен дрон за да нападне брод на морнарицата на Руската Федерација, кој е закотвен во пристаниште на полуостровот Крим. Меѓутоа, Маск не им дозволи на украинските сили да пристапат до Старлинк бидејќи не дозволува сателитската мрежа да се користи за офанзивни операции. Поради ова Украина се откажа од нападот на споменатиот брод.

Врховниот командант на украинските вооружени сили, Валериј Жалузни, наводно стапил во контакт со началникот на Генералштабот на американската армија, Марк Мили, на кого му се пожалил дека Маск одредува што може, а што не може да направи украинската армија. Жалузни рече дека е вознемирувачки фактот што Маск оневозможил неколку планирани напади.

Маск, моментално најбогатиот човек на планетата, сѐ уште не ги коментирал овие наводи.

Михајло Подољак, советник на претседателот на Украина, за британски Телеграф изјави дека војната во Украина влезе во критична фаза и дека на украинските сили им е потребна оперативна и технолошка независност.

– Зависноста од одлуките и нивното спроведување мора да биде 100 проценти. Доколку нашите оперативни активности зависат од надворешни фактори и од трети страни, тогаш нашата армија е изложена на голем ризик – рече Подољак.

Маск му дозволи на Киев да користи Starlink кога Русија ја нападна Украина на крајот на февруари 2022 година, за да не зависи од нејзината инфраструктура, која Москва почна да ја уништува. Сепак, милијардерот изјави дека Starlink треба да се користи исклучиво за одбрана и оттогаш таа позиција не е променета.

Последната контроверзност доаѓа откако претседателката на SpaceX, Гвин Шотвел, во февруари рече дека ќе го ограничи пристапот на Киев до Starlink за воени цели. Шотвел исто така рече дека Украина ќе може да го користи за нормални комуникации и хуманитарни операции.

Сепак, Украина го користеше Starlink и за напади со беспилотни летала.