Убиена дива кобила од стадото-атракција под Кожуф

197

Убиена е дива кобила од стадото атракција под планината Кожуф откако било пукано во неа.

-Стадото диви коњи со години го разубавува Поткожувјето. Ние се гордееме со нив. Но ваквите и слични несовесни постапки го ретчат ова наше богатство, изјави Јордан Петрезанов, претседател на месната заедница Бохула, кој ја потврди информацијата.

Жители од селото, но и гости, денеска тргнале кон блиското езерце за да фрлаат крст за Водици.

-Одеднаш по патот забележавме траги од крв. Нозете ни се пресекоа кога ја здогледавме црвената кобила како се мачи и во страшни маки испушта здив. Некој несовесен пукал во неа. Солзи ни дојдоа на очите, не можевме да веруваме како некој може да биде толку суров, да ја застрела и да ја остави да умира. Имаше околу осум години, се уште беше многу млада, со жалење раскажа Петрезанов.

Бараат да се најде виновникот кој пукал во невиното животно и да се казни. Апелираат до сите луѓе за повеќе човечност и разбирање за останатиот животински свет во природата.