УБАВА ВЕСТ НА ДЕНОТ НА РУДАРИТЕ: Вработените на АД ЕСМ добиваат зголемување за 15% веќе со септемвриската плата

126

Денеска во РЕК Битола беше одбележан Денот на рударите на кој беше потпишана Спогодба за измена на Колективниот договор на АД ЕСМ од страна на генералниот директор на компанијата, Васко Стефанов,  и на претседателот на синдикалната организација, Јове Смилевски, со која платите на вработените се зголемуваат за 15%, почнувајќи од септемвриската плата.

Стефанов заблагодарувајќи им се на рударите за посветеноста и напорите што ги прават бидејќи се први во синџирот за производство на електрична енергија, истакна дека се горди на резултатите од работењето на комбинатот годинава.

– Од 1 јануари до 31 јули, РЕК Битола произведе 1.436.553 МWc електрична енергија. Тоа е за 3,16% повеќе од произведеното во истиот период лани, а за дури 41,28% повеќе од производството во 2021 година. Во рудниците на РЕК Битола, заклучно со средината на август, ископани се 2.262.600 тони јаглен. Во моментов, на депонијата за јаглен има 200.000 тони јаглен. Овие количества на јаглен на залиха во РЕК Битола се уште повеќе за респект ако се има предвид дека во рудници се извршуваа операции кои го запреа ископот. Затоа, вработените во РЕК Битола треба да бидат горди на резултатите од работењето на комбинатот годинава – нагласи Стефанов.

– Секој што знае што значи еден ден работа во рударско – енергетски комбинат, мора да признае дека вработените се вистински херои. Рударите влегуваат на работа и не знаат дали ќе излезат. Не по своја вина, туку заради хировите на природата кои се особено изразени во рудниците – рече директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски на прославата.