Поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ е приведен од Управата за криминалистичка полиција и задржан 48 часа.
„Полициски службеници на Управата за криминалистичка полиција извршија претрес во станот и другите простории на Милан Радоичиќ, кому полицијата му одредила притвор до 48 часа“, соопшти МВР на Србија.
Радоичиќ со кривична пријава е донесен во Вишото јавно обвинителство во Белград.
Тој јавно призна дека учествувал во организација на група која учествувала во вооружен конфликт со косовската полиција во Бањка на северот на Косово, при што загинале еден припадник на КП од албанска националност и тројца Срби, а неколку лица беа ранети.