Туџаров: Македонија произведува најквалитетен канабис во светот, бизнисот вреди околу три милијарди долари

Собранието веднаш да ги донесе законските измени што ќе овозможат извоз на цвет од канабис. Според Иван Туџаров, генерален директор на Реплек Фарм, веднаш треба да се усвојат измените на Предлог-закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции кој е во собраниска процедура за да може Македонија да  има солидни приходи кои ќе го подигнат животниот стандард и ќе донесат нови вработувања

450

Во Македонија се произведува најквалитетниот канабис во светот и затоа веднаш треба да се усвојат измените на Предлог-закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции кој е во собраниска процедура.

Ова јавно го побара Иван Туџаров, генерален директор на Реплек Фарм, кој посочи дека актуелниот закон кој беше донесен во 2016 година треба да се доработи за да може да има извоз на цвет од канабис.

-Со извозот на суров цвет од канабис Македонија ќе има голем приход што ќе ѝ овозможи да го зголеми државниот буџет и да овозможи државните институции како Фондот за пензиско и Фондот за здравствено осигурување да ги наполнат касите – вели Туџаров и дополнува дека исто така ќе има пари и за поквалитетен  образовен систем, ќе се вработат голем број лица, со што значително ќе се намали невработеноста во земјава.

Реплек Фарм веќе четири години, како пионер во производство на екстракти од канабис за медицинска употреба на глобално ниво е првата македонска компанија која ги пласира своите производи на релевантни меѓународни пазари како Германија и Австралија, а однеодамна тие патуваат и за САД. 

Според Туџаров, ако не се донесат законските измени земјата губи огромен приход што би го добила со извоз.

-Приходите од производство на канабис во светски рамки за 2019 година достигнале 19 милијарди долари, а за годинава се смета дека ќе достигнат околу 100 милијарди долари – вели Туџаров и дополнува дека штета е да не сме дел од овој бизнис и во Македонија да дојдат од две до три милијарди долари.

Туџаров смета дека приходот од извоз на цвет драстично ќе го подигнат стандардот на населението и наместо 400 евра просечната плата таа може да достигне 1.000 евра.

Доколку се спореди квалитетот на нашето производство со она во Холандија кој е најдобар во светски рамки ќе се согледа дека нашиот цвет од канабис содржи и поголемо количество и тоа 18 отсто на ЦБД и 25 отсто на ТХЦ 25 што е светски рекорд.

Тој смета дека со законските измени ќе овозможат да се сузбие црниот пазар на канабис кој во моментов е многу распространет, бидејќи оваа законска регулатива  ќе донесе нови стандарди за квалитетот на канабисот.

Софија Лазаревска, раководител на одделението за производство на екстракт од канабис од Реплек Фарм појасни дека под строги правила и услови се произведуваат производите од канабис кои се користат за лекување на повеќе болести меѓу кои ХИВ, малигни болести, мултиплекс склероза и епилептични напади.

Гордана Трендовска, советник на генералниот директор на Реплек Фарм смета дека треба да се дозволи лекот да се пропишува за повеќе болести и сите специјалисти да ја имаат таа можност.

Во моментов во Македонија има 29 лиценци за производство на канабис за медицински цели, но производителите немаат можност сувиот цвет да го извезуваат надвор од земјава. (В.Ма.)