Пред завршување на законскиот рок 15 декември за откуп на тутунот откупени се 1.400 тони тутун со просечна цена од 374,30 денари за килограм и истиот е исплатен на околу 45 отсто од земјоделците. Ова го истакна министерот за земјоделство Цветан Трипуновски кој изврши увид во откупот на тутнот во Тутунскиот комбинат во Прилеп.
-Направивме увид во текот на откупот на тутунот за реколтата 2024 година. Иако последниот законски рок од 15 декември сè уште е на прагот, гледаме дека делот од тутунарите го предале својот род, истакна министерот Трипуновски.
Тој додаде дека тутунарите не треба да бидат загрижени, бидејќи оваа година ќе имаме поголем просек на откупна цена во однос на претходната година и посочи дека нема да дозволи разочарувања како што имало во минатото.
Министерот уверува дека интензивно се работи на зголемување на производството кое е битна социјална и економска гранка.
-Жалам дека сега имаме преполовен род, но како Влада работиме веќе од наредната година заеднички, партнерски да го враќаме квантитетот на тутунопроизводството, бидејќи многу е важно и од социјален, и од економски аспект за државата, рече Трипуновски.
Директорот на Државниот земјоделски инспекторат Васе Анакиев рече дека нема проблеми со откупот, инспекторите го следат процесот.
-Од вкупно пријавени 287, отворени се 280, а седумте за брзо ќе бидат отворени. Инспекторите се на теренот и засега откупот се одвива без проблеми, изјави Анакиев.
Од Сојузот на тутунските здруженија не се откажуваат од барањето до откупувачите за зголемување на цената.
-Со откупувачите успеавме да договориме да нема класи, сиот род да оди во прва класа. Сме во преговори со откупувачите и со министерството да дојдеме до поголема цена. Ние од тоа не се откажуваме, рече Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.
И од Националната земјоделска мрежа сметаат дека откупот под 600 денари за килограм е економски неодржлив.
-Со измените во Законот за тутун на откупните фирми им е дава дискреционо право да ја формираат цената притоа да не ги земаат во предвид реалните трошоци за производство. Ставот на Националната земјоделска мрежа е дека тутунот реално треба да се плати по просечна откупна цена од 600 денари за килограм. Ние се повикуваме на ставот на тутунарите во Прилеп кој јасно кажаа дека откупот под 600 денари за килограм е економски неодржлив, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Да потсетиме дека откупните фирми лани плаќаа 375 денари за килограм скапан тутун, а оваа година има екстра квалитетен тутун кој се откупува по истите цени.
-Ги повикуваме откупните претпријатија да ја корегираат цената во нагорна линија со што ќе се обезбеди континуитет во понатамошното работење и опстанок на оваа важна стопанска гранка за државата и егзистенција на голем дел на населението од руралните средини. Ако не ни се излезе на барањата за повисока откупна цена ќе се намали производството, а државата ќе изгуби огромни девизни средства кои ги добива од тутунот, посочи Каракашев.
Последните 10 години производството на тутун е намалено за повеќе од половина од 32 милиони килограми, сега произведуваме само 15 милиони килограми. Тутунарите велат дека ако продолжи ваквиот однос кон тутунарите и откуп по нереално ниски цени, освен без зеленчук и овошје, ќе останеме и без тутун.
(А.С.)