Тутунопроизводителите и откупните компании се подготвуваат за почеток на предвремниот откуп на тутунот од годинашната реколта во Струмичко, кој официјално почна вчера. Дел од компаниите веќе ги отворија откупните пунктови, делат амабалажа за пакување на тутунот, а тутунарите ја подигаат амбалажата и се подготвуваат да го предадат производството.
Според Марјан Трајков, претседател на Здружението „Басмак“ од село Василево, се очекува предавањето на тутунот да почне до крајот на овој месец.
-Годинава е намалено производството на тутунот и сметаме дека нема да има проблем да се откупат количините. Во Струмичко ќе откупуваат четири компании, кои со производителите во овој период треба да направат и анекси на договорите, бидејќи е укината четвртата класа и сега има прва-прва, која за разлика од лани ќе се откупува за десет денари поскапи. Очекуваме да ги нема проблемите од лани кога имаше незадоволство од откупните цени и откупот да помине на задоволство на тутунарите, рече Трајков.
Инаку, годинава во струмичкиот регион производството е намалено, односно лани било произведено околу 24, а годинава се очекува да се откупат околу 20 милиони килограми тутун.
Според тутунарите, намаленото производство се должи на незадоволството од откупните цени, напуштање на прозводството на тутун и замена со други култури, но и од намалувањето на бројот на земјоделците кои ја саделе оваа култура.