Турција: Најмалку еден загинат и осуммина повредени во експлозија на автобус кој превезувал затворски чувари

35

Автобус кој превезувал затворски чувари во западна Турција е кренат во воздух со импровизирана експлозивна направа, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, пренесува Анадолија.

„Еден од нашите чувари загина кога импровизирана експлозивна направа беше активирана со далечински управувач додека автобусот се движеше на патот Бурса-Мудања. Во тек е истрага за да се фатат сторителите“, напиша тој на Твитер.

Според 24ТВ, во експлозијата загинало најмалку едно лице, а уште осум се повредени.

Инцидентот се случил околу 07:30 часот по локално време во областа Османгази, јавува А Њуз. Инспекторите посочуваат дека е можно да се работи за терористички чин.

Гувернерот на Бурса Јакуп Џанболат изјави за новинарите дека според прелиминарните информации за експлозијата била употребена импровизирана експлозивна направа со далечинско управување.

– Нашата проценка е дека рачно изработена бомба која била оставена под електричен столб била активирана со далечински управувач додека поминувало затворското возило, рече тој.

Џанболат рече дека во автобусот имало околу 30 луѓе. Според него, сите превентивно се пренесени во болници.

Засега никој не презеде одговорност за нападот.

 

Експлодираше автобус во Турција, има жртви и повредени: Можен терористички напад/ФОТО