Туристите кои доаѓаат со бродови за крстосување на островите Миконос и Санторини во екот на сезоната, ќе треба да платат 20 евра

2242

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека патниците со крстарења кои ќе пристигнат на островите Миконос и Санторини на неколку часа во екот на туристичката сезона ќе платат 20 евра.

Мицотакис на традиционалната прес-конференција во рамките на меѓународниот саем во Солун рече дека Грција нема структурен проблем со прекумерниот туризам и дека целта не е доаѓањето туристи, туку приходите од туризмот.

„Би сакале повеќе туристи, кои трошат повеќе пари“, рече тој, додавајќи дека прекумерниот туризам на одредени дестинации создава проблем неколку недели или месеци во годината, пишуваат грчките медиуми.

„На пример, бродовите за крстосување многу ги оптоваруваат Санторини и Миконос и затоа интервенираме и воведуваме такса за крстарење која ќе биде 20 евра во текот на летните месеци. Дел од овие пари ќе се вратат во месните заедници за инфраструктура проекти“, рече тој.

Мерките ќе бидат донесени следната недела. Подеднакво е важно да се спречи голем број бродови да пристигнуваат на одредена дестинација во исто време, додаде тој.

Мицотакис нагласи дека од друга страна, „многу е опасно Грција да се претставува како земја непријателска кон туризмот“.

Едно е да се укаже на постојните слабости, а друго е да се набљудува и да се претставува Грција во странство како земја која не е гостопримлива за туристите. Затоа што второто не е точно“, рече грчкиот премиер, пренесува Танјуг.