Во јапонските супермаркети има голем недостиг од бел ориз, еден од главните производи во исхраната на жителите. Полиците на супермаркетите останаа празни бидејќи побарувачката го надмина производството во последните три години и залихите ги сведе на најниско ниво во последните повеќе од две децении. Јапонија, земјата која е синоним за ориз, се соочи со недостиг на оваа намирница поради лошите временски услови, зголемувањето на бројот на туристи и рестриктивната увозна политика.
Недостигот се почувствува уште повеќе и поради тоа што оризот се купуваше во поголеми количества од обично во пресрет на сезоната на тајфуните, но и поради предупредувањата за силен земјотрес што може да ја погоди земјата. Но, побарувачката на ориз сериозно се зголеми и со наглиот раст на бројот на странски туристи кои дојдоа во Јапонија по укинувањето на ограничувањата за пандемијата. Според извештајот на НХК, локалните медиуми делумно го припишуваат недостигот на приливот на туристи. Тие ја зголемија побарувачката за популарни јадења како што се суши и онигири, со што дополнително се врши притисок врз резервите на ориз, пренесе „Тпортал“.
Јапонија прими рекордни 17,8 милиони странски посетители во првата половина од годинава, што е далеку над нивото пред пандемијата. Само во јули земјата ја посетиле 3,3 милиони туристи, што е најголем број забележан досега, покажуваат податоците од јапонската туристичка статистика. Странските посетители потрошиле повеќе од 51.000 тони ориз во периодот од јули 2023 година до јуни 2024 година, што е двојно повеќе од претходната година. Иако годишната домашна потрошувачка е поголема и надминува седум милиони тони, овој неочекуван скок на побарувачката за краток временски период сериозно го потресе јапонскиот пазар на ориз.
Но и производството на оваа клучна намирница во исхраната на Јапонците опаѓа во последните години бидејќи постарите земјоделци заминуваат во пензија, а помладата генерација покажува се помалку интерес за оваа професија. Овој демографски предизвик, во комбинација со чести топлотни бранови и суши, значително ги загрози жетвите, пренесува ЦНБЦ.
На падот на понудата на ориз кумуваа и рестриктивните политики на државата. За да ги заштити домашните одгледувачи, јапонската влада наметна царина од 778 отсто на увозот на ориз.
Поради недостигот, порасна и цената на оризот, што помогна за раст на инфлацијата.