Настапија познати, омилени имиња од македонската фолк-сцена, меѓу кои: Влатко Миладиновски, Нино Величковски, Благица Павловска, Лени Партикова, Лилјана Прнакова, Круме Спасовски, Петар Нечовски, Ирена Спасовска, Влатко Алексовски и многу други, а учествуваа и гости од Србија и од Бугарија
И ова долго и топло лето, благодарение на песните, беше освежително – во организација на Здружението „Ризница“ од Куманово се одржа, и тоа по 12. пат, најновото фестивалско издание на „Тумба фест 2024“. Но, беше и под покровителство на градоначалникот Максим Димитриевски и Советот на Општина Куманово. Тоа е единствениот фестивал во светот што ги негува, промовира, а со тоа и ги чува македонските дијалекти како културно-историско богатство.
–
Фестивалот се одржа пред преполниот кумановскиот Градски плоштад, каде што сите граѓани можеа, без пари, да слушаат убави, духовити, народни, шегобијни песни. Настапија познати, омилени имиња од македонската фолк- сцена, меѓу кои: Влатко Миладиновски, Нино Величковски, Благица Павловска, Лени Партикова, Лилјана Прнакова, Круме Спасовски, Петар Нечовски, Ирена Спасовска, Влатко Алексовски и многу други. Годинава, учествуваа и гости од Србија и од Бугарија.
Беа изведени 19 нови песни, а беа испеани уште две песни од поранешните фестивали „Тумба фест“. „Цел ноќ ти се к’лну, Гинче“ со мошне распеаните Маргица Антевска и Ристо Краповски во дует, кои воедно ги добија и наградите за животно дело. Песната „Ожени се, сине“ со Влатко Алексовски, кој сè повеќе ја освојува публиката со новиот имиџ, ја доби наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала.
–
Од годинашниот фестивалски избор, поканетите новинари и многубројната публика уживаа во „Со душа живот украси“ во маестрална дуетска изведба на Ѓорѓи Ѓорчев и на Јованка Јо. Секако, треба да ги пофалиме и песните: „Љубел Петко многу жени“ во изведба на Влатко Миладиновски; „К’д ќе дојдеш у Куманово“ – Маргица Антевска, „После свадба – тапани“ во изведба на Лени Партикова, “Ама памет не дојде” со Нино Величковски, како и „Дојранска“ во оригинална изведба на Љупчо Бубо-Каров и „Трио гранде плус“. Искрено речено, целиот „Тумба фест 2024“ изобилуваше со певливи и хумористични рефрени.
–
–
Пред финалната вечер на Градскиот плоштад, се одржа промоција на книгата „Голем мераклија“, со повеќе од 50 текста досега испеани на овој фестивал. Од авторот, легендарниот радиоводител од овој град, Боби Петковски, а насловена според славната песна од „Тумба фест“, која веќе е обнародена. А, за потсетување е дека фестивалот е формиран во 1995 година и си постоеше до 2000-та. Потоа се случи голема пауза до 2019, а оттогаш е возобновен. Д.М.