На овој албум, зад кој стојат Трпчески и пријателите, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело; Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на ударалките, на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор Шахов, кој со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата народна музика различни музички стилови. „Се обидовме да ѝ пристапиме на оваа инспиративна музика на софистициран начин, како и многумина од легендарните композитори низ вековите кои биле инспирирани од разни народни традиции“, посочува Трпчески. Деновиве албумот „Македонисимо“ беше објавен од страна на престижната британска етикета „Лин рекордс“ (Linn Records)
„Албумот ‘Македонисимо’ е подарок за сите љубители на музиката. Ваквата голема разновидност на стилови го прави уникатна музичка авантура! Јас сум многу горд на нашите колективни достигнувања. Заедно со моите колеги, композиторот Панде Шахов и екипата од Linn Records, би сакале да ја споделиме со светот нашата љубов и страст кон македонското музичко наследство!“, напиша еминентниот македонски пијанист Симон Трпчески по повод објавувањето на албумот „Македонисимо“ од страна на престижната британска етикета „Лин рекордс“ (Linn Records) на Голема Богородица, (28 август).
На овој албум, зад кој стојат Трпчески и пријателите, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на ударалките, на многу уникатен начин се обработува македонската народна музика од страна на македонскиот композитор, Шахов, кој со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата народна музика различни музички стилови.
„Се обидовме да ѝ пристапиме на оваа инспиративна музика на софистициран начин, како и многумина од легендарните композитори низ вековите кои биле инспирирани од разни народни традиции. Исто така, неизмерно сум среќен, затоа што ова издание претставува победа за мојата земја Македонија, за македонскиот народ, за автентичноста на македонската народна музика, со која пораснав“, посочува Трпчески. Тој додава дека со излегувањето на ова цеде под етикетата на „Лин рекордс“ стартува нивната соработка со оваа престижна британска издавачка куќа. „Се надевам дека цедето ‘Македонисимо’ ќе остане во историјата на македонската интерпретативна уметност како еден бисер, токму заради својата посебност“, нагласува Трпчески.
„2017 година беше означена со почетокот на мојот последен проект, кој го нареков „Македонисимо“, што значи „многу македонски“, посветен на мојот македонски народ. Тоа е проект со македонска музика за кој многу се радував. Работев на овој проект долго време во мојата глава, но поради големиот број обврски никогаш немав можност да го направам реалност, затоа сум пресреќен што конечно се случи. Својата светска премиера ја имаше на 18. мај 2017 , на фестивалот Лудвигсбург, Германија… Ова е проект кој опфаќа сплет од македонски танци со неколку песни кои внесуваат шарм во целата инструментална негова димензија. Јас лично ги избрав и го осмислив сплетот, додека истовремено се консултирав со професионалци од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Ансамблот за народни игри и песни ‘Танец’“, објаснува Трпчески.
Првата рецензија за албумот излезе на страниците на угледниот веб-порталл „Мјузик“, каде што критичарот Домини Клементс истакнува: „Мора да се каже дека оваа мешавина од раскошни ритмички танци и нежно елоквентни песни функционира исклучително добро во овој амбиент, што секако не е обид да се донесе апсолутната традиционална музика во еден вид автентична ’преродба’, туку повеќе сосема нова визија на целиот музички жанр, исто како што Астор Пјацола го донесе тангото во концертната сала со неговиот ‘tango nuevo’ приод кон традиционалниот вид музика. Целокупниот ефект е повеќе ‘џез’ отколку ‘класична’ музика, ако сакате да пронајдете соодветна стилска полица за да го поставите овој диск, но не дозволувајте тоа да ве премисли за да го испробате ако мислите дека не ви се допаѓа џезот. Традиционалните мелодии се појавуваат низ ‘класична’ музика цело време, од Бах до Копленд и Бернштајн до Малер, па затоа искористете го ова како богат нов извор на извонредно изведени и снимени звуци и видете колкав простор имате дома за да танцувате на овие ритми“.
Овој проект беше успешно претставен во повеќе градови/земји низ Европа. „Искрено се радувам на секоја идна изведба на овој проект и се надевам дека ќе има добар прием кај публиката низ светот“, истакнува Трпчески.