Трпение додека трае реконструкцијата на мостот на реката Серава!

179

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи за реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава, на булеварот „Никола Карев“, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.

Оттаму нагласуваат дека санацијата на мостот се изведува во летните месеци поради очекуваната помала фреквенција на возила во градот, а поради природата на работите и градежните материјали што се употребуваат сообраќајот на оваа делница се одвива отежнато. Последната реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава била направена во 2006 година.

– Екипите на Градот Скопје ја почнаа реконструкцијата за да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот, односно да не настане поголемо оштетување на конструктивните елементи на мостовската конструкција, имајќи предвид дека дилатационите фуги на овој мост подолго време беа оштетени. Важно е да се напомни и дека мостот на реката Серава е на сообраќајница која е оптоварена со патен сообраќај и е врска со магистралниот пат кон Република Косово, односно е делница по која минуваат тешки товарни возила поради што мостот претрпува дополнително оптоварување – информираат од Град Скопје и потсетуваат дека реконструкцијата на овој мост е планирано да се изврши во рок од 60 дена, но поради процесот на зацврстување на бетонот (28 дена) градежните активности на терен се изведуваат само во текот на четири дена.

Рокот на изведба на оваа реконструкција во согласност со договорот и проектната документација е два месеца, односно до  2 јули 2019 година.