Тројца либански болничари загинаа додека гаснеле пожар: Израел гаѓаше противпожарно возило

18

Тројца либански болничари загинаа, а двајца се ранети, од кои еден во критична состојба, во израелски напад додека гаснеле пожар во градот Фарун на југот на земјата, соопшти денеска либанското Министерство за здравство.

„Израелските сили го гаѓаа медицинскиот тим на либанската цивилна одбрана додека гаснеа пожари предизвикани од неодамнешните израелски напади“, се вели во соопштението на Министерството, во кое се прецизира дека нападот погодил противпожарно возило.

Нападот беше осуден како „бесрамен напад“ врз либанскиот државен апарат, втор ваков напад врз тимот за итни случаи за помалку од 12 часа. Израелската армија веднаш не ги коментираше наводите. Интензитетот на борбите меѓу Хезболах и Израел постојано се зголемува, поради што се раселени десетици илјади луѓе од двете страни на либанско-израелската граница.

Конфликтот избувна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што беа убиени 1.200 луѓе и зедоа 200 заложници во Појасот Газа. Оттогаш, Хезболах е вовлечен во прекугранични конфликти во јужен Либан.