На настанот што се одржа завчеравечер, во просториите на Јуроп хаус во Скопје, учествуваа: лауреатот на фестивалот – Владимир Пиштало, хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија, Мајк Дауни од Велика Британија и македонскиот новинар и писател – Ѕвездан Георгиевски. Беа присутни и гостите од 11. Скопје фелоушип програма
„Каква е улогата на литературата денес, како вечна форма на отпор, чија смисла е да ги менува нештата и колку вербата дека може да ги менувате нештата ќе ве доведе до крајната цел“, се само дел од прашањата за кои учесниците на тркалезната маса „Литературата како форма на отпор“, во рамките на 12. издание на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, ги кажаа своите размислувања. На настанот што се одржа завчеравечер, во просториите на Јуроп хаус во Скопје, учествуваа: лауреатот на фестивалот – Владимир Пиштало, хрватскиот новинар и писател Борис Дежуловиќ, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија, Мајк Дауни од Велика Британија и македонскиот новинар и писател – Ѕвездан Георгиевски. Беа присутни и гостите од 11. Скопје фелоушип програма, а дискусијата ја отвори Дејан Трајкоски, идеен творец и директор на фестивалот, кој цитираше дел од говорот на писателот Миљенко Јерговиќ пред две и пол недели, на фестивал во Словенија:
„’Судејќи по тоа што сме живи, ние сме потомци на убијци, а не на нивните жртви. Ви благодарам што ме доведовте на ова место и нема да ме убиете како што јас ве убивав вас.’ Овие зборови не се искажани од автор од третиот свет, туку од автор што живее во земја членка на ЕУ и добива награда во друга земја членка на ЕУ. Во овие две реченици од генијалниот говор е скриена најголемата тајна кажана низ поетска, метафорична форма. Ако се разложат, тие се тотално антиничевски, зашто Ниче се борел за отфрлање на афектот на вината, а тука имаме тотална спротивност кога авторот ја признал вината што, можеби, не ја ни сторил. Зошто?! Дали е тоа негова Гандиевско-теолошка порака дека во ова време сите треба да истапиме на радикален начин, како форма на отпор кон сè што се случуваше во минатото и на овие простори, а се случуваат и денес“, кажа Трајкоски.
Модераторот Владимир Јанковски, и самиот наградуван писател кој ја конципираше темата на тркалезната маса, пак, го цитираше лауреатот Пиштало: „Книгите се место на смислата и вистината. Смислата грее, вистината оживува…“ На прашањето дали чинот на пишување, во суштина, е радикален и револуционерен чин на несогласување со светот, Пиштало е дециден дека на почетокот клучна е таа улога на незадоволство.
„Кога си млад, сите те нервираат. Тие незадоволство и неудобност ми се многу познати. Во комунизмот, секогаш зборуваа за еден термин – анархосиндикализам. Не ги разбирав, што зборувате, луѓе? Ајде да веруваме во тоа што зборуваме и да почнеме да ги разбираме нештата. Поезијата е доказ колку може да бидат вистинити зборовите. Јазикот може да биде стварен. Најважна работа е да се користат вистинските зборови, кои го оживуваат нештото“, посочи Пиштало.
Јанковски направи и споредба помеѓу жанровите утопија и дистопија, првиот да создава алтернативен свет, вториот како модел преку кој авторите често се обидуваат да разобличат тоталистаристички општества. Дежуловиќ се надоврза, велејќи дека утопија бил романтичниот жанр на минатиот век.
„Комунизмот е прекрасна утопија. Невозможно е човечкото суштество да знае да дели. Жанрот на 21 век е дистопија, дури и како фантазија. Пред многу години, кога замислувавме како ќе биде по 2000, го замислувавме токму вака, како денес, свет со милион камери што постојано ве снимаат. Нè уверија дека ја сакаме оваа дистопија… Тоа што можеме да го правиме како писатели е да ги освестуваме луѓето дека живееме во дистопија“, рече Дежуловиќ.
Верувањето на Шапоња, пак, кој се надоврза, е дека постои и друга алтернатива. Писателите пишуваат од отпор кон светот. Живеат во свет на стереотипи, но тие не ѝ припаѓаат на нивната душа.
„За писателот е важно, во просторот на јазикот, да може да говори за својата душа. Тоа е мој став и, веројатно, поради тоа успевам да го игнорирам овој свет. Тоа не е единствен свет. Јас избирам да живеам во поинаков свет. Се разбира, тоа има цена – цената на секојдневието, која мораш да ја платиш“, вели Шапоња.
Отпорот е клучeн за работата на Мајк Дауни и на полето на филмот и во литературата. Двете уметности се многу различни, зашто филмот е индустрија, фабрика, „стрејт“ работа во која се прават пари. Со литературата е поинаку, а тоа особено се чувствува преку публиката. Но, и филмот и литературата имаат моќ да запалат искра, да поттикнат движење.
„И правењето графити е форма на отпор. Секогаш е отпор и секогаш иницира промена, без оглед дали се работи за поединец или за група“, додаде Дауни.
Како пример, тој го посочи филмот кој го продуцирал – „Зелената граница“, а кој влијаеше на политичките случувања во Полска.
Мајда Корен, која пишува за деца и за адолесценти, смета дека е многу важно младите да читаат. Книгите за деца не се само неколку реченици и слики.
„Децата треба да размислуваат што читаат, не само да читаат“, вели таа.
Ѕвездан Георгиевски, писател, колумнист и политички коментатор, почнал да пишува пред неколку години. На прашањето каде го лоцира расчекорот помеѓу колумнистичката и прозната поетика, тој вели:
„Новинарство е занает кој се однесува на сега и овде и треба да го менува светот. Литературата треба да биде нешто што ќе трае подолго“, вели тој.
Низ дебатата, Дауни потенцира дека стравува за иднината на отпорот како форма. Средната класа во општествата веќе не постои, а младите со потенцијал имаат родители што не може да ги финансираат.
Во Даут-пашиниот амам, вечер, ќе му биде врачена наградата „Прозарт“ на Владимир Пиштало, а ќе бидат претставени и писателите Ненад Шапоња, Мајда Корен, Мајк Дауни и Виолета Танчева-Златкова.