Три сценарија за пресудата на Караџиќ – од доживотна робија до слобода

94

Во Босна и Херцеговина со голем интерес се очекува одлуката на Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, каде утре ќе биде изречена правосилна пресуда за Радован Караџиќ, кој во прв степен е осуден на 40 години затвор за злосторства извршени за време на последната војна на територијата на таа држава.

Некогашниот хашки истражен судија Невенка Тромп за весникот „Аваз“ се осврна на три можни сценарија за пресудата на Караџиќ.

За неа најпосакувана опција , но и најлогична, е тој да биде прогласен за виновен за учество во здружено злосторничко дело заедно со тогашните структури на Србија.

Не ја исклучува, меѓутоа, ниту можноста Караџиќ да биде ослободен.

– Првото сценарио е во голем дел да биде потврдена првостепената пресуда по која добил 40 години затворска казна, бидејќи е виновен за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и геноцид, истакна Тромп.

Како второ сценарио се наведува можноста првостепената пресуда да биде сменета и значително да се намали затворската казна, па дури и Караџиќ да биде ослободен.

А како трета можност, таа смета дека би можел да биде осуден на доживотна робија.

– Сметам дека судиите ќе играат на сигурно, па нема да се изненадам доколку на крајот биде осуден доживотно да остане в затвор. Со тоа ќе се смири јавноста во БиХ, односно жртвите на злосторствата за кои е одговорен Караџиќ, нагласи Тромп, која работела како истражен судија на Трибуналот во постапката против поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Тромп, која е автор на книгата „Смрт во Хаг“ каде детално зборува за судењето на Милошевиќ, верува дека поранешниот лидер на босанските Срби ќе биде осуден на доживотна робија со „мали корекции на првостепената пресуда“.

– Тоа би бил некаков статус кво. Првичната пресуда е веќе позната. Ако не се допира улогата на Србија во војната во БиХ, тогаш тоа е некоја сигурна опција за Трибуналот, изјави Тромп.

Караџиќ е обвинет по две точки за геноцид, по пет точки за злосторства против човештвото и по четири точки за кршење на законите и обичаите за војување, кои ги извршиле српските сили во текот на оружениот судир во БиХ од 1992 до 1995 година.

Пред три години, на 24 март 2016 година, судот во Хаг го прогласи Караџиќ виновен за геноцид на подрачјето на Сребреница во 1995 година и за прогон, убиство, депортирање, нехумани дела, тероризирање, противправни напади врз цивили и киднапирање. Осуден е во прв степен на 40 години затвор. Ослободен е од вина по обвинението за геноцид во други општини на БиХ.

На утрешното изрекување на пресудата ќе присуствуваат и претставнички на здружението „Мајките од Сребреница“ кои денеска заминаа во Хаг.